Софија ја одбива понудата на Орбан да посредува за решавање на спорот со Скопје, објави шефот на бугарската дипломатија

Министерот за надворешни работи во техничката влада на Бугарија, Иван Кондов отфрла посредништво од трети страни за решавање на спорот меѓу Скопје и Софија.

Министерот за надворешни работи во техничката влада на Бугарија, Иван Кондов / Фото: Архива

„Европскиот договор со Република Северна Македонија е јасен. На Бугарија не ѝ требаат посредници во овој процес“,изјавил Кондов за бугарската новинска агенција БГНЕС

Повод за изјавата на Кондов е предлогот што унгарскиот премиер, Виктор Орбан денеска му го претставил на неговиот македонски колега, Христијан Мицкоски за време на средбата во Охрид, дека Будимпешта е подготвена да го искористи своето претседавање со Европската Унија и да биде посредник меѓу Скопје и Софија за наоѓање решени за спорот.

„Следниот чекор е, на некој начин, да се спогодат со Бугарија, а јас за тоа имам предлог што му го пренесов на премиерот Мицкоски. Му кажав дека сме подготвени да го искористиме претседавањето со Европската Унија и да посредуваме во ова прашање“,изјави Орбан на прес-конференцијата по средбата со Мицкоски и заедничката меѓувладина седница. 

Дали С Македонија и Бугарија ќе го прифатат ваквиот предлог, унгарскиот премиер рече дека тоа е работа на двете земји.

„Но, ние сме подготвени и сакаме да работиме на тоа да се најде решение какво што ќе им одговара и на Македонија и на Бугарија, но тоа е работа на страните што се во судир“,

додаде Орбан. 

Зачленувањето на Македонија во Европската Унија и претседавањето на Унгарија со ЕУ, како што посоочи унгарскиот премиер, била најважната тема на денешната средба со премиерот Мицкоски.

Орбан од вчера со владина делегација е во официјална дводневна посета на земјава, а прашањето за членството на земјава во ЕУ дополнително доби фокус по одлуката на Комитетот на постојаните претставници на владите на земјите членки во ЕУ, за одвојување на Албанија и С Македонија на патот кон Унијата.

Back to top button
Close