Во Брисел нема голема надеж за уставни измени со одложено дејство, но идејата не се отфрла анблок – открива министерот Муртезани

Министерот за европски прашања Орхан Муртезани, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, откри дека на средбите кои заедно со премиерот Христијан Мицкоски неодамна ги имаа во Брисел со високи претставници на Европската Унија, меѓу кои и со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, се разговарало за идејата за уставни измени (за внесување на Бугарите) со одложено дејство.

„Беше разговарано за предлогот на нашата влада за носење на уставните измени со одложено дејство, за што, морам да бидам искрен, не дека има некоја голема надеж од страна на институциите во Брисел дека таков предлог би поминал, меѓутоа не се отфрла анблок. Има одредена доза оптимизам кој ние ќе треба да го конкретизираме. Мислам дека Владата има добра основа кога вели дека логиката во уставните измени треба да е слична со онаа што е направена кога влеговме во НАТО по промената на името. Односно дека во фазите на промената на Уставот треба да има уште еден дополнителен амандман што ќе гласи дека содржината ќе се материјализира, ќе влезе во сила, откако Бугарија ќе го ратификува договорот за приклучување на земјава кон Европската Унија“,рече Муртезани.

Прашан како тогаш треба да се разбере пораката на Шарл Мишел објавена на социјалните мрежи по средбата со Мицкоски дека сега е клучно да се спроведат обврските од минатото, Муртезани рече дека Мишел се повикал на одлуките на Советот што се веќе донесени.

„Тоа што ние го добиваме како сигнал од другата страна е посветеноста процесот да оди напред. Вие знаете дека сите овие спорни прашања беа предмет и на предизборната трка и ВМРО-ДПМНЕ доби 58 пратеници токму настојувајќи дека ќе се елиминираат одредени последици, односно штети направени од претходната влада. Затоа ние како ‘Вреди’ сметаме дека таа поддршка изразена во бројка од 58 пратеници е одредена порака од нашите сограѓани Македонци дека на процесот мора да се пристапи многу внимателно за да се елиминираат сите прашалници дека ние како земја постојано нешто сме отстапувале и дека евентуално би се соочиле уште еднаш со блокада во иднина“,вели министерот за европски прашања.

Back to top button
Close