Гордост

Почитувани читатели, нашата држава се наоѓа на крстопат, која страна да ја фати и како да ја сочува својата автентичност за да биде рамноправна членка на ЕУ. Во јавноста силно одекна аргументирана информација дека Албанија ги отпочнува преговорите за нејзино идно членство во ЕУ, а Македонија, поради фактот што не прифати диктат смислен од соседна Бугарија и поддржан од ЕУ заедницата, е оставена во чекалницата за можен прием.

Во медиумите се врши силен напад од опозицијата и нејзините поддржувачи, бидејќи и овој пат сме го испуштиле возот кој нѐ води кон ЕУ.

На сите ни е јасно дека со овие потези Македонија временски губи за нејзиното потенцијално идно членство во ЕУ. Меѓутоа, треба да ни биде јасно и која цена ја плаќаме ние Македонците, граѓаните на Република Македонија, во сиот изминат период од 35 години! За да ѝ се допаднеме на Европа и целата светска заедница, најнапред на нашите соседи Грција и Бугарија, стававме туѓи интереси пред сопствените.

Го променивме државното знаме, по желба на нашите идни партнери. Го променивме Уставот и станавме мулти-етничка држава во која што ние Македонците, од уставотворен народ, станавме еден од народите кои што живеат во оваа држава.

Го променивме името на нашата државата и од Република Македонија станавме Северна. Сите овие промени, направени во изминатиот период се под силен притисок на ЕУ, а посебно на нашите соседи Грција и Бугарија.

Сите промени го засегаат името Македонија и нас Македонците. Ниту една етничка заедница, која што денеска е дел од нашата држава, не го почувствува притисокот кој го чувствуваме ние, Македонците. Во прашање е нашето опстојување како Македонци со сопствен јазик, култура, традиција и историја.

Направивме многу за да ја сочуваме нашата држава како идна членка во ЕУ. Очигледно за нашите идни партнери тоа не е доволно. Овој пат Брисел ни нареди во Уставот да ја вметнеме бугарската етничка заедница која брои 3 500 луѓе, согласно последниот попис.

Имајќи го фактот дека бугарското собрание изгласа декларација со која не ја признава нашата македонска посебност, а со тоа ниту јазик, култура и историја, секој Македонец, кој што има и малку гордост во себе, ќе разбере дека после ова вметнување на Бугарите во Уставот на РМ, ќе следат уште многу непредвидливи и непристојни барања од бугарска страна. Споменатата декларација во Бугарија е изгласана со акламација и нема политичар во Бугарија кој оваа декларација нема да ја почитува.

Перфидноста на Бугарија, поддржана од ЕУ е очигледна. За само 3.500 Бугари кои не се вметнати во Уставот на нашава држава, ние сме закочени во нашиот евроинтеграциски процес.

Па добро бе, мои Македонци, дали сте свесни дека си ја копаме сопствената јама за наше исчезнување. Со нашите отстапки кои ги правиме изминатите 3,5 децении го закопуваме македонското во нас. Непобитен факт е дека на политичката сцена во Република Македонија, единствено македонските партии се посветени за градење на мултиетничко општество, додека останатите политички партии од помалите етнички заедници, исклучиво се борат за правата и иднината само на нивните етникуми во нашава држава.

Проблемот е многу сериозен за нашата иднина. Време е да пораснеме! Ние Македонците во нашата држава треба да поставиме црвени линии и кон нашите соседи и кон идните партнери.

Црвените линии во Република Македонија мора да бидат јасни и за сите етнички заедници дека токму тие ултимативно мора да застанат во одбрана на нашиот национален, македонски идентитет.

Со нивната поддршка ќе ги убедиме и нашите соседи и Европската Унија и останатите пријатели во светот дека ние Македонците не сме сами во нашата држава.

Впрочем, градењето на мулти-етничко општество се базира на меѓусебна почит , толеранција и помош кога е потребно. Нема нација која денес е официјално членка во Обединетите Нации, а да е толку малтретирана од светската заедница по желба на нивните членки, а наши соседи!

Отстапките кои ги правевме во минатиот период, верувајќи дека е тоа последно што треба да го направиме за да бидеме дел од ЕУ и НАТО, само е простор за нови отстапки. Лага е. Нема да престанат доколку не покажеме цврстина и став со испишани црвени линии.

Јас сум горд Македонец, со најдлабока почит кон сите етнички заедници во земјава и надвор од неа. Барам само реципроцитет.

Клекнувањето и послушноста, пред вратите на Европската Унија, може скапо да нѐ чини нас Македонците. Обезличен по националност, без своја култура и историја, јас нема да се чувствувам како рамноправен член на ЕУ.

Сакам да испратам порака до владеачката политичка гарнитура и опозиција во Македонија, како и поддржувачи дека ЕУ е заедница на рамноправни држави. ЕУ не е формирана да помага или некому да дарува. Треба да разбереме дека европскиот систем на функционирање мора да го инкорпорираме во нашата држава. Сите институции, почнувајќи од судство, обвинителство и сите останати ресорни министерства и институции, мора да бидат функционални по теркот на ЕУ.

Главниот проблем во Македонија за нефункционалноста на институциите е криминалот и корупцијата кои се длабоко вкоренети токму во самите нив. Да биде јасно, ЕУ нема да ни го реши криминалот и корупцијата . Ние граѓаните на Република Македонија мора да се справиме со ова зло.

Македонија мора да биде членка на ЕУ бидејќи ѝ припаѓаме како географски, така и културолошки.

Гордоста, а не горделивоста треба да си ја вратиме. Македонците мора да го сочуваат достоинството. Но нема достоинство каде што владее криминалот. Основна задача исправена пред нас е да ги уништиме криминалот и корупцијата, и по најсериозен дипломатски пат да најдеме вистинско решение за нашата заедничка иднина. Свесни сме дека немаме право на иднина со корумпирана сегашност.

Трифун Костовски

Back to top button
Close