Во Будимпешта денеска ќе биде потпишан договорот за унгарскиот заем

Во Будимпешта денеска треба да биде потпишан договорот за унгарскиот заем во висина од половина милијарда евра од кои дел ќе бидат наменети за бизнис секторот, а дел за реализација на проекти на општините.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска минатата недела изјави дека на 8 октомври патува за Будимпешта и дека истиот ден ќе го потпише договорот.

Условите под кои се зема заемот, според Владата, се поволни. Кредитот се зема со каматна стапка од 3,25 проценти со три години грејс период и 12 години рок на отплата.

Законот за унгарскиот кредит, што го договорија премиерот Христијан Мицкоски и унгарскиот премиер Виктор Орбан за време на учеството на Самитот на НАТО во Вашингтон, беше изгласан во Собранието на 17 септември годинава.

Намерата на Владата, како што неодамна изјави премиерот Мицкоски, е парите наменети за македонското стопанство да бидат пласирани преку домашните банки под истите услови под кои е земен заемот, а доколку тоа не се случи, тогаш ќе се бараат други начини за да му се стават на располагање овие средства на бизнис секторот.

Дел од заемот е наменет за развој на општините, односно за реализација на проекти од интерес на граѓаните.

На јавниот повик што го распиша Министерството за локална самоуправа пристигнати се 357 апликации од 80 општини.

Според премиерот, парите од заемот не се кинески како што тврди опозицијата, туку се средства земени од земја членка на Европската унија.

Во Предлог законот, кој беше донесен по скратена постапка, е наведено дека Република Северна Македонија ќе ѝ плати провизија за извршени правни услуги на независна фирма избрана од страна на Унгарската експорт – импорт банка и дека провизијата треба да се плати пред повлекување на траншата.

Back to top button
Close