Старите модни парчиња повторно оживуваат со Re: store во „Лабораториум“
Re: store, центарот за рестилизирање на стари модни парчиња, каде што се слави одржливоста, креативноста и индивидуалноста, повторно ќе се отвори на 16 октомври (среда) во Културно едукативниот центар „Лабораториум”
Re: store ја започна својата приказна во скопското Дебар маало во 2012 година, со мисија да го дефинира концептот на продажба на употребена облека и да биде креативен простор за редизајнирање на дизајнерска облека, но и да понуди платформа за младите македонски дизајнери.
Денес, во средина каде доминира „fast fashion”, Re: store повторно нуди алтернатива која во исто време е стилска и одржлива. Како надополнување на “Лаб дизајн маркетот”, Re: store ќе работи во насока да придонесе свесност во консумирањето поткрепено со верувањето дека модата треба да биде начин на изразување, а не придонес за формирање депонии.
Со избор на уникатни парчиња од втора рака, всушност се избира намалување на побарувачката за ново производство. Со секое продадено парче, Re: store промовира циклус на повторна употреба што поддржува бавна мода и еколошка свест.
– Сите парчиња: облеката, модните додатоци или предметите што може да се најдат во Re: store, носат своја приказна, а сега, имаaт шанса да станат дел од некоја нова, ваша приказна. Со повторното отворање на Re: store, ја обновуваме нашата посветеност кон заедницата. Без разлика дали барате да ја обновите вашата гардероба, да го украсите вашиот дом со нов карактер, или едноставно ако имате некое парче за кое ви е жал што не го носите, Re: store ве поканува да бидете дел од позелена иднина, прифаќајќи ја својата индивидуалност. – велат од „Лабораториум”
Re: store ќе работи во склоп на „Лаб дизајн маркет”, од вторник до сабота од 12 до 18 часот во Културно едукативниот центар Лабораториум, на булевар Св. Климент Охридски 68, Скопје.