Град Скопје конкурираше со некомплетни проекти, Струмица поднесе веќе постоечки проект – Мицкоски апелира општините да се пријават со нови проекти до средината на ноември

Премиерот Христијан Мицкоски денеска потврди дека дел од општините како Струмица, Теарце, Сарај, но и Градот Скопје биле одбиени на повикот за финансирање на капитални проекти на Владата.

Зборувајќи за секоја „одбиена“ општина поединечно, Мицкоски рече дека Струмица била одбиена бидејќи аплицирала со веќе започнат, тековен проект за којшто е избран и изведувач. Општина Теарце, од друга страна, на повикот аплицирала со проекти преку приватна мејл-адреса, а не преку општинската електронска адреса. Општина Сарај поднела некомплетна документација. Со некомплетни проекти, додаде премиерот, конкурирал и Град Скопје.

„Град Скопје конкурураше со проекти коишто се некомплетни. Бараат автобуси, бараат средства коишто се за одржување на хигиена на улиците, а истовремено од Владата имаат пренесено околу 10 милиони евра коишто стојат на сметката за реализација на една капитална инвестиција, тоа е булеварот ‘Хасан Приштина’ веќе две години и за жал ништо не е направено во таа насока. Така што, очекувам во следниот период од таму да се подобрат инвестициските перформанси“ изјави Мицкоски.

Тој ги повика градоначалниците на општините кои не успеаја да ги добијат проектите, тоа да го направат со нови проекти со кои можат да аплицираат на продолжениот рок на повикот, кој ќе трае до средината на ноември.

„На следната владина седница ќе има мало продолжување на рокот бидејќи некои за некои од проектите на дел од општините ќе им е потребно дополнување на документацијата. Мислам дека рокот ќе биде разумен, до 10 – 15 ноември, за да ги доподнесат тие проекти и откако тоа како формалност ќе биде завршено, очекувам и тие да бидат вклучени во овој прв бран“ додаде премиерот.

На вчерашната седница на Владата, како што рече, биле потврдени повеќе од 270 проекти во речиси сите општини, а договорите за нив очекува да бидат потпишани следната недела.

Back to top button
Close