Перински: Потегот на Струмица и на Карпош за напуштање на ЗЕЛС не е решение, тоа им штети на сите општини

Најавата од општините Струмица и Карпош за излегување од Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) ќе ѝ штети не само на Заедницата, туку и на сите други општини, смета министерот за локална самоуправа Златко Перински.

Според Перински, ЗЕЛС е единствената асоцијација на единиците на локалната самоуправа што ги застапува интересите на општините пред Владата.

Ваквото однесување, вели Перински, сериозно ја нарушува позицијата на ЗЕЛС затоа што само единствен ЗЕЛС може да биде сериозен партнер на Владата во разговорите за унапредување на системот на локалната самоуправа и и на развојот на општините.

Градоначалниците на Карпош и на Струмица најавија дека ќе ја напуштат ЗЕЛС. Струмичкиот градоначалник Костадин Костадинов рече дека одлуката е донесена во знак на револт поради индиферентниот однос во периодот кога струмичани се соочуваат со забрана за водата за пиење, како и по одбивањето од Владата за реализација на единствениот пријавен проект од оваа општина со средства од унгарскиот кредит.

Костадинов најави и дека ќе поднесе оставка и од функцијата член на Управниот одбор во ЗЕЛС.

Back to top button
Close