Историска комисија: Подобро е да ја има или да ја нема?

 

Теми на вчерашниот состанок биле протоколарни и технички прашања и дискусија за принципите на работа, со оглед дека тоа беше прва средба откако македонскиот тим од Комисијата доби променет состав. Претседателот на бугарскиот тим и копретседавач со Комисијата, Ангел Димитров, самиот ја опиша природата на средбата.

„Повеќе разговараме околу технички, протоколарни и општи прашања“, изјави тој. За новиот состав на македонскиот дел од Комисијата засега нема став.

„Нека поминат две три средби“, порача тој.

Владата на почетокот на септември ги именуваше новите членови на Комисијата и за копретседател го назначи професорот Ванчо Ѓорѓиев кој во еден период беше и во претходниот состав.

Без оглед на смените во персоналниот состав на Комисијата, од бугарска страна и претходно доаѓаа критики за слаб или никаков напредок во нејзината работа. Досега Комисијата усвои препораки за заедничко чествување на пет историски личности – Светите браќа Кирил и Методиј, Свети Наум Охридски, Свети Климент Охридски и Цар Самоил.

Споменик на Светите браќа Кирил и Методиј: Комисијата усвои препораки за нивно заедничко чествување
Споменик на Светите браќа Кирил и Методиј: Комисијата усвои препораки за нивно заедничко чествувањеФотографија: Dragoslav Dedovic/DW

Исто така усвои и неколку препораки за измени во учебниците по историја за шесто одделение во Македонија и за петти клас во Бугарија. Но, она што остана како „рефрен“ е дека „Комисијата сѐ уште е заглавена во Средниот век“.

Ништо не се разјаснува, само се спори

Во бугарската општествена јавност веќе се јавуваат сугестии за непотребата од таа Историската комисија, затоа што се смета дека таа ништо не може да реши. Таквите сугестии се појавија далеку пред вчерашниот состанок на Комисијата. Авторот Иван Тодоров во колумна во „24 часа“ сподели дел од неговите дилеми околу суштествувањето на Комисијата. Тој не ги спори бугарските тези за потеклото на Македонците, но смета дека „откако веќе е формирана националната самосвест кај суштествен дел од Македонците како посебен народ, напорите да бидат убедувани преку притисок дека се Бугари или дека биле Бугари, само предизвикуваат настројување на Македонците против Бугарија“.

„Не знам колку треба да немаш поим од меѓународно право и историја за да потпишеш договор каде од македонски историчари, кои работеле да оправдаат како Македонија нема ништо заедничко со Бугарија, се бара да го признаат спротивното. Како можеш да потпишеш договор во кој не се разјаснуваат нештата, туку се создава комисија каде се спори!? Тој договор многу наликува на договорот на Бугарија со соседите пред Балканската војна, каде што беа предвидени спорни територии во Македонија, што доведе до Меѓусојузничката војна“, критикува Тодоров.

Според него, заедничкото минато може да се реши на едноставен начин.

„Сакавме да ги натераме да ги сменат учебниците. А како се менува учебник на приватен издавач при владеење на слобода на говор. Целосна трагедија. Заедничкото минато може да се реши на исклучително едноставен начин. Секоја од двете земји можеше да посочи 3 историски вистини со обем од по 10-15 зборови. И со уште 10-тина зборови да се посочи од кој историски извор се тие. Секоја од земјите можеше да се задолжи во ударниот термин на својата јавна телевизија да ги емитува тие реченици на пример 7 пати. Така, секој граѓанин на двете земји ќе може да си направи соодветни заклучоци“, смета тој.

Чир што ги труе односите

Радомир Чолаков, правник, пратеник на ГЕРБ во повеќе собраниски состави и претседател на собраниската комисија за уставни прашања во 49-тото Народно собрание, во „24 часа“ пишува дека му се допаѓа тезата на Тодоров оти договорите се потпишуваат за да се решат спорни прашања, а не за да се создадат такви.

„Таа комисија е создадена, не за да се решат историските прашања, туку за да не се решат никогаш. Да бидат еден непрекинат чир, кој ќе ги труе сите односи меѓу двете држави – економски, дипломатски, транспортни, секакви. Извинете, но си мислам дека ако таа комисија не е внесена во посочениот Договор поради академска вообразеност на некого од неговите автори од бугарска страна, тоа значи дека е внесена смислено. Некој би рекол дека со тоа е спроведен ‘хибриден атак’ против бугарско-македонските односи. Атакот е сепак еднократен акт. Историската комисија е ‘хибридно минско поле’, во кое секоја тема во определен момент може да го разнесе секој обид за подобрување на климата меѓу двете земји“, оценува тој.

Се осврнува и на смената на членовите од македонска страна.

„Се слушна дека македонската страна ги сменила нејзините членови во Историската комисија, со тоа што нејзините нови претставници биле уште потврди во нивните убедувања од претходните. Сега, ако бугарската страна сака да покаже карактер, ние треба да откажеме повеќе да учествуваме во седници на таа комисија и да предложиме таа да се затвори (…) Во таа глупава и штетна игра поумниот треба да отстапи“, сугерира Чолаков.

Бранувања околу Охридската архиепископија
Бранувања околу Охридската архиепископијаФотографија: DW/M. Jovanoski

Новата мина – Охридска архиепископија

Во текстот под наслов „Хибридни шеми ни ги влошуваат односите со Скопје“, Чолаков наведува дека Комисијата наскоро ќе наиде на ново минско поле, посочувајќи дека Црквата во Северна Македонија има проблем со името, бидејќи БПЦ во нејзиниот устав се определува како правен наследник на средновековната Охридска архиепископија.

„И ете ви одново повод за спор – откаде накаде Македонците ќе ни ја крадат и Охридска архиепископија, кога таа си е наша (…) Зошто да не ги оставиме да го украдат тоа име? (…) Секогаш кога ќе си ја наречат црквата Охридска архиепископија, ќе ги слушаат зборовите на Василиј Втори дека таа е бугарска, а тие се Бугари. Го спомнувам тоа затоа што следната хибридна мина, која ќе грмне, е за Охридската архиепископија. Што ќе се случи ако постапиме нестандардно и им кажеме на Македонците: ‘Носете го тоа име со здравје’“, наведува тој. Смета дека истиот однос треба да биде и кон Историската комисија и да гласи – „Ние ја напуштаме комисијата, вие лажете колку што сакате, не ни пречете“.

„Според мене, ако нашата држава пристапи кон македонската со добро, ќе добие. Тие имаат потреба да се борат со нас, ние немаме потреба. Ние ќе ги добиеме сите спорови ако престанеме да учествуваме во нив“, сугерира тој.(dw)

Back to top button
Close