Заробена држава

Нам ни треба македонски Елиот Нес…

Почитувани читатели, во денешната колумна посветена на Еуростандард банка, ќе се осврнам на една лично моја перцепција, за животот кој што го живеевме и животот кој што треба да го живееме во иднина.

Чувството дека организираниот криминал и корупција се толку длабоко влезени и вкоренети во нашиот секојдневен живот, од ден на ден станува сѐ посилно и поверодостојно. Верувајте дека не постои ниту една институција во државата каде орагнизираниот криминал и корупција не се вгнездени.

Јавноста мора да знае дека организираниот криминал е систем кој што функционира во интерес на поединци и групи кои имаат комплетна контрола врз институциите на системот, почнувајќи од Основното јавно обвинителство и судство, Министерството за внатрешни работи, Министерството за финансии и многу други институции

Во случајот со Еуростандард банка, вмешаноста на организираниот криминал, можеби е најсилен, зашто како егзекутор е употребена Народна банка.

Јавноста мора да знае дека функционирањето на системот во организираниот криминал е многу силно регулиран, при што се води сметка за лицата кои што го креираат овој криминал, како и лицата кои што се инструмент за негова финализација.

Без политичка поддршка, организираниот криминал не може да опстои.

Изминаа пет месеци од формирањето на новата влада, која што во предизборниот период вети отворена борба против ова општествено зло.

Јас, како и секој граѓанин на Македонија, очекував дека оваа борба нема да трае долго. Верував и сакам да верувам дека посветеноста на новата влада е сериозна.

Изминатите неколку месеци се преземаат сериозни чекори, од страна на актуелната влада, за ресетирање на целиот правен систем и очекуваме дека истиот треба да биде функционален.

За жал, работите не одат така бргу и едноставно. Спецификата на организираниот криминал е во фактот што во неговата структура од креатори и извршители, влезени на клучни места се индивидуи кои што се дел од овој систем. Сѐ додека се на тие функции, учесниците на организираниот криминал, повеќе или помалку, имаат одреден комодитет при нивното криминално работење.

Не смееме да заборавиме дека учесниците во организираниот криминал се свесни дека за своите криминални дела може да одговараат со многу сериозни казни, бидејќи вршат дејствија спротивни на законот. Свесноста за тоа грчевито ги држи за позициите за да се служат и понатака со уцени и корупција. Ако падне еден – паѓаат сите!

Најавата од актуелната влада дека ќе се бори против организираниот криминал, значи палење на црвените светла за аларм меѓу чинителите на организираниот криминал и корупција. Нивната посветеност да се заштитат е повеќекратно посилна, отколку институциите кои што треба да го сотрат и сопрат ова општествено зло.

Јас разбрав, а верувам дека и многумина како мене разбраа дека борбата против организираниот криминал и корупција ќе трае долго.

Канцерот на организираниот криминал е длабоко навлезен во нашиот систем и истиот ќе продолжи по секоја цена да опстои. Во краен случај ако не може и понатака да опстои, барем да биде заштитен од можните казни со кои што треба да се соочи.

Организираниот криминал функционира по систем чисто финансиски. Организаторите на криминалот имаат силни финансиски средства кои што може да ги употребат за поткуп во нивната одбрана. Нема пара која што не може да поткупи, за жал! За разлика од државните институции, организираниот криминал располага со голем финансиски кеш, кој може да го испорачаат во многу краток временски период.

Основното прашање кое се поставува денес пред мене е кадровскиот потенцијал на институциите, кои што вистински треба да се борат против организираниот криминал.

Денес нам ни треба македонскиот Елиот Нес.

Почитувани читатели, мојата борба за вистината поврзана со стечајот на Еуростандард банка излезе на виделина. Мојата борба против организираниот криминал во Македонија, продолжува. Секоја недела пишувам и ќе продолжам да пишувам колумни со факти кои што го аргументираат неразумниот чин, да се носи во стечај Еуростандард банка.

Денес 50 месеци после овој стечај, правните и физички лица, клиенти на банката, се целосно исплатени, а стечајните управници нетранспарентно ја водат целата стечајна постапка за собирање на финасиски средства, истовремено оттуѓувајќи имот на Еуростандард банка по багателни цени.

Жално е што креаторите на овој организиран криминал сѐ уште се на силни позиции во банкарскиот сектор. Егзекуторите во Народна банка и Основното јавно обвинителство ,,мува не ги лази”, од проста причина што се сѐ уште на највисоките позиции. Истите луѓе кои ја однесоа Еуростандард банка во стечај се на исто место, со изместени човечки вредности, без ронка грижа на совест.

Кадровски промени во институциите: Народна банка, Основното јавно обвинителство и судство, мора да се направат и да се поведе вистинска истрага. Директните извршители во ниту еден момент не смеат да бидат амнестирани.

Очигледно е дека со луѓето кои што дале легитимитет на ова криминално дело, не можам да ја истуркам правдата за мене, моето семејство и многумина како мене, кои што ја плаќаме цената за длабоко инсталираниот, организиран криминал во земјава.

Еуростандард банка е синоним кој треба да влезе во учебниците по криминологија, да се види преку практичен пример како може да се уништи здрав, силен, општествено корисен и правен субјект.

Јас продолжувам и ја охрабрувам владата, уште посилно да отпочне со реформите во институциите на системот, кои што треба да ја вратат правдата и правото во правниот систем и нашето секојдневие.

Трифун Костовски

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close