ДУИ во одговор до „Вреди“: Партијата се реформира со заминувањето на шефот на урбаниот криминал Изет Меџити
Во писменото соопштение испратено од партијата на Ахмети, оттаму не го коментираат повикот на „Вреди“ партисиот лидер да депонира писмена гаранција дека ќе се повлече од политиката доколку изгуби на евентуалните предвремени парламентарни избори. Повторно повикуваат на одржување на избори, велејќи дека со нив ќе се запре, како што велат, пандемијата на лаги, неуспеси и понижување на Албанците од страна на „Вреди“
Демократската унија за интеграција се реформираше со заминувањето на шефот на урбаниот криминал и слуга на коцкарската индустрија Изет „Мегавин“ Меџити, велат од опозициската ДУИ како коментар на повикот за реформи во партијата, наместо охрабрување за избори, што утринава ѝ го упатија од владејачката „Вреди“.
„ДУИ на дело покажа дека најголемите и најдлабоките реформи се случуваат кога самите криминализирани елементи ќе ја напуштат партијата. Најјасен пример е заминувањето на шефот на урбаниот криминал и слуга на коцкарската индустрија, Изет ‘Мегавин’ Меџити, кој сфати дека неговите криминални активности немаат простор и повеќе не можат да просперираат во ДУИ бидејќи не би го преминале партискиот и државниот ветинг“коментираат од опозициската партија.
Во писменото соопштение испратено од партијата на Ахмети, оттаму не го коментираат повикот на „Вреди“ партисиот лидер да депонира писмена гаранција дека ќе се повлече од политиката доколку изгуби на евентуалните предвремени парламентарни избори, што би се одржале заедно со локалните во октомври следната година.
Оттаму повторно повикуваат на одржување на предвремени избори, велејќи дека со нив ќе се запре, како што велат, пандемијата на лаги, неуспеси и понижување на Албанците од страна на владејачката „Вреди“.
„Тие што ја напаѓаат ДУИ со соопштенија напишани од нивните сопственици ВМРО ДПМНЕ и преведени на албански јазик, мора да сфатат дека нивните напори се предодредени да пропаднат пред нашата определба за интегритет и напредок. Тие што треба да сносат одговорност се во Владата, вие ги имате на вашата десна страна, а од криминалци ги ‘реформиравте’ во џентлмени. Сите тие во мај јавно ветија дека доколку изгубат со еден глас помалку, ќе поднесат оставки од своите партии, но не го одржаа зборот. Истите ветија дека ако не се смени уставот за шест месеци, ќе си заминат од владата, повторно излажаа“велат од ДУИ и повикуваат на ново „одмерување на силите“ на избори.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера ја повика ДУИ да се подготви за одговорност, а за избори, како што рече, кога ќе дојде време. Потенцира дека новата влада има четиригодишен мандат поткрепен со над 600 илјади гласа и дека сега е време да се испорача ветеното пред изборите како борбата против криминалот и корупцијата.