Москва нема да се согласи на замрзнување на конфликтот во Украина

Русија нема да се согласи на замрзнување на конфликтот во Украина бидејќи тоа би создало услови за нова ескалација, изјави постојаниот претставник на Русија при Обединетите нации, Василиј Небензја, на седницата на Советот за безбедност на ОН за ситуацијата во Украина.
Рускиот дипломат го обвини украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговите западни сојузници дека се обидуваат сеопфатното решение за украинската криза да го заменат со прекини на огнот и примирја.
Според него, зад тие иницијативи стои желбата на Западот да му на Киев да здивне со цел да ги надомести загубите, да ги прегрупира силите, повторно да се вооружи и да го обнови својот борбен потенцијал, со крајна цел подоцна да продолжат борбените дејства.
– Русија нема да се согласи на такво сценарио – нагласи Небензја.
Тој оцени дека Европската Унија сноси одговорност за тоа што војната во Украина сè уште не е завршена.
– Се чини дека во бриселските канцеларии целосно заборавија како да разликуваат дипломатија од воени авантури. Русија не стреми кон вооружен конфликт со европските земји. Меѓутоа, доколку самите европски држави покренат војна, природата на тој конфликт би била суштински поинаква, а настаните би можеле да се одвиваат многу брзо – рече Небензја.
Тој исто така ги предупреди европските земји за можен директен воен конфликт со Русија.
– Европските политичари кои зборуваат за подготовки за војна со Русија во 2029 – 2030 година би требало да бидат свесни за последиците од таквата опасна политика – рече рускиот дипломат.
Тој додаде дека се чини оти обичните граѓани во европските земји почнуваат да сфаќаат дека веќе неколку години функционерите неоправдано ги плашеа со заканата од исток, а дека сега од нив се бара на штета на сопствената благосостојба да плаќаат за издржување на Киев и за геополитичките амбиции на европските лидери од Брисел.
– Бран протести се прошири како домино-ефект низ Франција, Белгија, Германија, Италија, Шпанија и Португалија. Ситуацијата во Франција е особено индикативна, бидејќи масовните демонстрации против власта станаа долготрајни. Стотици илјади граѓани излегоа на улиците, огорчени поради влошувањето на животните услови и уривањето на социјалните гаранции – рече Небензја.






