Француските синдикатите на вработените во јавниот сектор повикуваат на штрајк, бараат повисоки плати

Коалицијата на синдикатите од јавниот сектор во Франција повика на мобилизација и штрајк на 17 ноември, за, меѓу другото, да побара итно зголемување на платите, се наведува во соопштение објавено денеска.

„За нашите организации ЦГТ, УНСА, ФСУ, Солидариес, ЦФЕ-ЦГЦ и ФАФП, незамисливо е да не се преземе таква мерка со оглед на континуираниот раст на инфлацијата. Неприфатливо е индексниот поен да остане замрзнат четврта година“, се наведува во соопштението, пренесува „Фигаро“.

Синдикатите бараат значително зголемување на вредноста на индексниот поен и негово индексирање според инфлацијата. Исто така, тие повикуваат на „итен почеток на реформата на скалата на плати за да се подобрат можностите за кариерен развој за сите“.

Вториот по големина синдикат во јавниот сектор, „Force Ouvrière“, и третиот по големина, „CFDT“, не се меѓу организациите кои го потпишаа овој апел. Француските медиуми пренесуваат дека тие изјавиле оти сакаат да го почекаат исходот од неколкуте состаноци на синдикатите со официјалните претставници пред да заземат став.

Синдикатите од јавниот сектор в петок ќе се сретнат со премиерот Себастијан Лекорни. Министерот за јавни финансии, Давид Амиел, исто така би требало да се сретне со синдикатите во Министерството за економија и финансии.

На почетокот на октомври, Амиел им предложи на синдикатите зголемување на индексот на минималната плата на државните службеници, што би овозможило приближно 400.000 вработени во јавниот сектор да примаат основна плата повисока од минималната заработувачка.

Back to top button
Close