Вашингтон подготвен за изборниот ден – полиција, безбедносни барикади, даски на излозите на продавниците…

 Безбедносни барикади, табли на излозите и видливо полициско присуство – главниот град на САД се подготви за претседателските избори, стравувајќи од повторување на насилството што го погоди Вашингтон пред четири години.

Властите во главниот град на САД предупредија дека очекуваат „нестабилна и непредвидлива безбедносна ситуација“ во деновите и неделите околу изборите и не веруваат дека победникот ќе биде објавен на денот на гласањето.

Сеќавањето на 6 јануари 2021 година, денот кога приврзаниците на поранешниот републикански претседател Доналд Трамп упаднаа во американскиот Капитол, центарот на американската демократија, сè уште е присутно во Вашингтон.

-На многу начини, нашите подготовки за 2024 година започнаа уште на 7 јануари 2021 година, рече градскиот функционер Кристофер Родригез.

Вашингтон беше место на насилни протести и пред последните избори, кога демонстрантите на антирасистичката иницијатива „Black Lives Matter 2020“ се судрија со полицијата.

На само неколку чекори од Белата куќа, работниците во петокот почнаа да поставуваат дрвени штици за да ги заштитат прозорците на неколку канцеларии. Таму веќе неколку недели стои безбедносна бариера која го оневозможува пристапот до повеќето плоштади околу претседателската резиденција. Паралелно, работниците ја градат платформата што ќе се користи на претседателската инаугурација во јануари.

Овие работи традиционално почнуваат веќе во ноември, но на 6 јануари 2021 година работниците мораа да го евакуираат градилиштето. Годинава локалните власти соопштија дека работите почнале еден месец порано за да се обезбеди доволно време во случај на небезбедна ситуација.

На состанокот на Градскиот совет минатата недела, Родригез конкретно предупреди на дезинформации на социјалните мрежи што може да ја загрозат јавната безбедност во Вашингтон.

-Светските настани, како што е конфликтот во Газа, ја зголемија „комплексноста“ на ситуацијата и опасноста од „политичко насилство“, рече тој.

ФБИ ќе има команден центар кој ќе ја следи безбедносната ситуација околу изборите во американската престолнина, а истото ќе го прават и безбедносните служби.

Самата полиција на градот одби да коментира за начинот на нејзината подготовка. Градоначалничката Муриел Баузер на прес-конференција во октомври рече дека полицијата во Вашингтон, задолжена за безбедноста на Конгресот ќе биде подготвена за изборите.

Началникот на градската полиција Памела Смит рече дека засега не е идентификувана закана околу изборите. Таа нагласи оти ќе бидат дозволени мирни протести, но дека нема да толерира насилство.

Таа најави „видливо“ полициско присуство во градот, со четири илјади засилувања на 20 јануари, на денот на инаугурацијата на новиот претседател.

Back to top button
Close