САД/Избори: Демократијата и економијата на врвот на приоритетите за американските гласачи, покажуваат излезните анкети
– Демократијата и економијата се топ приоритети на американските гласачи, покажуваат предмалку објавените излезни анкети, спроведени од Ен-Би-Си Њуз.
Демократијата е на прво место, со 35 отсто од гласачите кои ја сметаат за најважен фактор во нивниот избор. Економијата следи со 31 процент.
На трето место е прашањето за абортусот (14 отсто), потоа имиграцијата (11 отсто), додека само 4 проценти ја наведоа надворешната политика како приоритетно прашање.
Меѓу жените, абортусот беше најважен за 19 проценти, во споредба со 8 отсто од мажите.
Поддржувачите на демократката Камала Харис и републиканецот Доналд Трамп имаат големи разлики во приоритетите.
Половина од гласачите на Харис ја наведоа демократијата како главен приоритет, проследено со абортусот (21 отсто) и економијата (13 отсто).
Наспроти тоа, мнозинството поддржувачи на Трамп ја сметаат економијата за најважна, пред имиграцијата (20 отсто) и демократијата (12 отсто).