Брнабиќ не сакаше да одговори зошто не запалила свеќа за загинатите во Нови Сад
Новинари ја прашаа претседателката на српското Собрание, Ана Брнабиќ зошто не запалила свеќа за жртвите во Нови Сад.
Брнабиќ прво не сакаше да одговори, а потоа кажа дека тоа е нејзина лична работа.
„И не се чувствувам како некој кој сака да одговори на тие прашања во овој момент, од сите луѓе“, рече Брнабиќ.
За тоа зошто хулиганите со палки кои во одреден момент се придружиле на вчерашниот протест не се уапсени и зошто им било дозволено да прават немири, таа не одговори.
Претседателката на парламентот на Србија изјави дека сакаат и бараат целосна одговорност за сите – и кривична, и морална и политичка за несреќата во Нови Сад каде загинаа 14 луѓе, откако на Железничката станица се урна натстрешницата.
„Ќе инсистираме на тоа и нема да сопреме додека тоа целосно не се исполни. Сакам уште еднаш јасно и недвосмислено да го осудам насилството на кое сведочевме вчера во Нови Сад. Такви слики и глетки не ѝ служат на чест на Србија ниту на нашето општество“, изјави Брнабиќ.