Поддршка од јавноста

Многу почитуваниот наш писател и д-р професор Венко Андоновски, при промоцијата на мојата книга „Мојот непокор” меѓу другото изјави: „јас му верувам на Трифун Костовски, не ѝ верувам на државата”.

Почитувани читатели, вообичаено и упорно продолжувам да пишувам за злосторот направен со стечајот на Еуростандард банка. И оваа колумна ќе ја посветам на мојот народ, на моите читатели и следбеници, за да им свртам внимание на сите оние кои што ги засега правдата во нашата татковина. Изминатите 4 години, ве запознав со мојата лична и колективна борба, која што ја водам и преку јавно обраќање, секоја недела, пишувајќи колумни со факти.

Чувството дека живееме во украдена држава, од страна на поединци и групи кои што безмилосно владеат со државата на криминален начин, е сѐ посилно. На сите ни станува јасно, на секој поединец кој што ја разбира вистината, дека со злодела врз сопствените сограѓани не се гради модерна држава. Слободата и правата на секој поединец треба да бидат загарантирани од правниот систем на државата во која што живееме.

Како праведен и хуман човек, секојдневно се дружам или се среќавам со луѓе кои ми се помалку или повеќе познати, дури и непознати, на места кои што ја отсликуваат социјалната димензија на еден модерен живот, како што се се спортски терени, ресторани, кафитерии, бензински пумпи, наплатни рампи, гранични премини и институции во системот. Тоа се сите оние институции кои што секој од нас мора да ги почитува и воспоставува комуникација и коресподенција со нив, наша неминовност за средби.

Важам за човек за кого што често се вели „и водата спие, ти не спиеш”. Го сакам животот и настојувам во секој миг да му дадам димензија на среќа и исполнетост.

Исто толку длабоко сум посветен да ја изнесам неправдата на виделина, да ја докажам и победам. Кога неправда е во прашање, сериозно сум посветен истата да ја победам.

Изминатите 4 години, секоја недела пишував колумни за стечајот на Еуростандард банка, во кои штои со несоборливи факти укажував дека стечајот беше свесно инструиран од поединци и групи со криминогени пориви. За жал, системот на државата на истите им служи како алатка за спроведување криминали. Тоа се Владата на нашата држава, Собранието, Народна банка и Основното јавно обвинителство.

Последните 2 години, поради мојата истрајност да допрам до свеста на јавноста повторувајќи ги фактите, респектот во очите на моите сограѓани енормно расте. Чест ми е што ме препознаваат како човек хуманист, добродетел и лојален граѓанин на нашата Македонија.

Поддршката секојдневно ја добивам од моите сограѓани, првенствено преку социјалните мрежи. Уште повеќе ми значат личните средби при кои што директно и во лице им ја гледам емпатијата и разбирањето. Тоа е монументално чувство, кога од изразот на нивните лице и погледот гледаш најдоблесен доказ дека си во право.

Како еден од најголемите донатори во нашата држава, во сите полиња на нашето живеење, го чувствувам респектот на моите сограѓани, без разлика на нивната национална или верска припадност.

Горд сум на самиот себе, бидејќи во оваа наша силна и матна национална, верска и политичка поделеност, останав лик кој е силно почитуван и поддржуван. Тоа ми дава сила да поверувам дека има многу слични како мене, слични во нашата борба за правда против организираниот криминал и корупција и дека заедно ќе успееме да донесеме благодет за сегашните и идни генерации во државата.

Поддршката која што ја добивам да истрајам во мојата борба е сѐ посилна од ден на ден.

Чувствувам, бидејќи сум таков како човек, дека морам да истраам во оваа борба, уверен дека со победата во мојата лична борба ќе отворам уште многу колективни победи на слични мои сограѓани кои се соочиле со неправдата на нашиот систем.

Јас сум човек кој што нема функција во државата, ама функционирам со висок респект меѓу своите сограѓани. Во дадениот момент на мојата борба тоа е мојата прва победа.

Респектот од моите сограѓани ми значи живот. Продолжувам со уште поголема енергија да ја докажувам неправдата со стечајот на Еуростандард банка.

Многу почитуваниот и ценет доктор-професор Венко Андоновски, при промоцијата на мојата книга „Мојот непокор„ изјави: „јас му верувам на Трифун Костовски, не ѝ верувам на државата”. Неговите зборови ми се мевлем на душата.

Трифун Костовски

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close