Што содржи новата концепција за основното образование?

Историја, географија, биологија, физика и хемија се враќаат како посебни предмети во основното образование. Министерството за образование, по сугестии на стручните лица и реакциите во јавноста направи измени на Концепцијата за основно образование. Бирото за развој на образованието во изминатиот ја подготви новата унапредена содржина, со која се предвидува овие предмети да се изучуваат како посебни во третиот воспитно – образовен период од основното образование (седмо, осмо и деветто одделение).

„Претходно концепцијата предвидуваше нивна интеграција со нејасно дефинирани насоки за реализација на часовите, но и кратење на многу содржини кои се од исклучителна важност за учениците“, велат од МОН.

Како резултат на измените во Концепцијата, во следниот период ќе се изработи и нов наставен план за основното образование, но и нови наставни програми по соодветните предмети во седмо, осмо и деветто одделение, кои етапно ќе се воведуваат почнувајќи од учебната 2025/2026 година, како и во двете учебни години потоа.

 

Што предвидува изменетата концепција?

Измени се предвидени во наставните планови и програми, во планирањето на наставата, иновативните приоди, во делот на учебниците и оценувањето. За разлика од претходно кога имаше од 8 до 11 задолжителни предмети, во новата концепција се предвидени од 9 до 15.

„Од подрачјето математика и природни науки од националните стандарди произлегуваат наставните предмети: математика (I-IX одделение), природни науки (I-VI одделение) кој опфаќа теми кои припаѓаат на биологијата, хемијата, физиката и делови од географијата, како и одделните наставни предмети биологија, хемија и физика (VII-IX одделение). Предметот историја и општество (IV-VI одделение) опфаќа содржини што припаѓаат на историјата, на делови од географијата, на граѓанското образование и на други општествено-хуманистички дисиплини и заедно со предметот општество (I-III одделение) директно произлегува од подрачјето општество и демократска култура од националните стандарди“, се наведува во измените на концепцијата.

И ова подрачје се изучува во континуитет, прво преку предметот општество од I до III одделение, потоа од IV до VI одделение преку предметот историја и општество, а од VII до IX одделение преку одделните предмети историја, географија и граѓанско образование.

МОН ја поттикнува работата преку проектни активности, коишто смета дека ќе овозможат наставните содржини да им се приближат на потребите и на интересите на учениците. Се препорачува учењето базирано на проекти да се користи и за поврзување на дисциплини што не се сродни, како, на пример, Физичко и здравствено образование со математика (кога, на пример, се бара да се развијат и да се приберат мерки на физичка издржливост и да се претстават табеларно и графички), биологија со музичка уметност (кога, на пример, се истражува како музиката влијае на работата на мозокот) или предметот што го дефинира наставниот јазик со историја и општество (кога, на пример, треба да се одговори на прашањето каква е улогата на јазикот кој се користи во социјалните медиуми врз комуникацијата меѓу младите).“

 

Учебници и во печатена и во електронска форма 

Според дополнетата концепција, сите задолжителни наставни предмети и сите изборни предмети од областа на јазиците се покриени со квалитетни учебници и наставни материјали кои се целосно усогласени со наставната програма и со потребите и интересите на учениците.

За наставните предмети аакедонски/албански/турски/српски/босански јазик, математика, природни науки, општество, историја и општество, биологија, хемија, физика, историја, географија, граѓанско образование, англиски јазик и сите други предмети од областа на јазиците се подготвуваат учебници, кои задолжително се во печатена форма за учениците од I до III одд., а за учениците од IV до IX одделение може да бидат во електронска или печатена форма“. (dw)

Back to top button
Close