На КОП29 во Азербејџан постигнат договор за обезбедување 300 милијарди долари годишно за посиромашните земји за справување со климатските промени

На конференцијата на ОН за климатски промени (КОП29) во Азербејџан во рано изутринава учесниците постигнаа договор за обезбедување 300 милијарди долари годишно за посиромашните земји за да им се помогне во справувањето со климатските промени.

Покрај ветувањето од 300 милијарди долари, нациите се согласија дека се потребни 1,3 трилиони долари до 2035 година за да се помогне и во спречување на климатските промени.

Неколку земји во развој кои припаѓаат на Глобалниот југ и еколошки активисти го осудија договорот постигнат на самитот, но тој беше пофален од САД, Германија и други, јави ДПА.

КОП29 требаше да заврши завчера, но се одолговлекуваше подолго од очекуваното бидејќи преговарачите не се согласуваа бидејќи бараа консензус за финансирање за борба против климатските промени во следната деценија.

Во еден момент, делегатите од најмалку развиените држави и малите островски нации ги напуштија дискусиите во знак на протест против финансискиот договор што се подготвуваше.

Конференцијата за климата ја допре централната тема за финансиската одговорност на индустријализираните земји, кои историски користеле повеќе фосилни горива, што доведува до емисии на стакленички гасови.

Конференцијата, исто така, ги истакна разликите меѓу богатите влади, кои се ограничени од тесните буџети дома, и земјите во развој, кои мора да се справат со последиците од бурите, поплавите и сушата.

Back to top button
Close