Кристоф Ле Риголер: Преземените обврски мора да се исполнат, не може да постои апсолутна гаранција за исходот на процесот на ЕУ-интеграција
Северна Македонија, која сега треба да ги исполни капацитетните цели што произлегуваат од нејзината обврска во НАТО, може да се потпре на своите односи со Франција и нејзината воена експертиза за модернизација на својата Армија, особено во рамки на Договорот за соработка во одбраната, потпишан на 14 октомври 2022 година. Набавката на системите „Мистрал“ е конкретен пример за силните врски меѓу нашите две земји, вели новиот француски амбасадор во земјава Кристоф Ле Риголер, во интервју за МИА
Според него, НАТО-сојузништвото е рамка која нуди можност за засилен политички дијалог.
„Членството на Северна Македонија во НАТО, исто така, овозможува зајакнат политички дијалог за безбедносните политики, регионалната стабилност или за управувањето со меѓународните кризи“ истакна Риголер кој ѝ го честита изборот на Радмила Шекеринска на функцијата заменик-генерална секретарка на НАТО, „што го илустрира кредибилитетот на Северна Македонија како членка на Алијансата“.
Коментирајќи го Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Северна Македонија на нејзиниот европски пат, францускиот амбасадор забележува дека препораките се однесуваат на фундаменталните реформи што се неопходни за европската интеграција.
„Фактот што акцентот е ставен на овие клучни прашања (во делот на владеење на правото и борбата против корупцијата) не е изненадување. Неколку прашања поврзани со владеењето на правото (независноста на судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал) се дел од овие неопходни реформи, чие значење постојано го истакнуваат Европската Унија и нејзините држави членки. Овие препораки се сè уште актуелни и произлегуваат од реалната проценка на состојбата. Овие теми, се исто така меѓу приоритетните на реформската агенда претставена во рамките на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан. Поради ова, Франција одлучи, во својата поддршка на процесот на европска интеграција на Северна Македонија, да обезбеди тројца технички експерти во министерствата за животна средина, европски прашања и правда, со цел да ги поддржи максимално напорите во овие администрации“вели Риголер.
Според него, Планот за раст за Западен Балкан, преку овозможување на конкретен патоказ, ќе го олесни спроведувањето на потребните реформи меѓутоа, на земјите кандидати останува обврската да ги спроведат неопходните реформи, особено во областите на владеењето на правото и реформите во администрацијата.
„Финансирањето ќе може ефикасно да се искористи само ако државите кои го добиваат се во состојба да го потрошат. Затоа е неопходно да се зајакнат административните капацитети на Северна Македонија. Генерално, забрзувањето на процесот на интеграција во голема мера зависи од брзината на спроведување на реформите. Конечно, важно е да се потсети дека реформите првенствено ќе им користат на Северна Македонија и на нејзините граѓани“посочува францускиот амбасадор.
На прашањето, дали постои можност за француско посредување и во „француски предлог плус“, за уставни измени со одложено дејство до завршувањето на преговорите, Риголер нагласува дека преземените обврски мора да се почитуваат.
„Во рамки на својата Стратегија за Западен Балкан, за Франција, интеграцијата на регионот е приоритет. Затоа, Франција целосно го поддржува и ќе продолжи да го поддржува процесот што води до интеграција на Северна Македонија во Европската Унија. Во тој контекст, таа е подготвена да ја обезбеди сета своја помош за надминување на сегашните блокади. Преземените обврски мора да се почитуваат. Сепак, ние не сме индиферентни за чувствителноста на темата. Неопходно е да бидеме реални и да разбереме дека не може да постои апсолутна гаранција за исходот на процесот на интеграција, кој е по својата природа сложен, бидејќи бара согласност од сите држави членки. Сепак, Франција е подготвена да работи и да ја искористи својата моќ на убедување за да го осигура текот на процесот на интеграција, во корист на Европската Унија и на целиот Југоисточен регион на Европа“вели Риголер во интервјуто за МИА.