Обвинителството се огласи за прв пат : Имаме докази дека Палчо го извршил убиството

Има материјални докази дека првообвинетиот Љупчо Палевски Палчо е сторител на убиствата на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски.

Ова произлегува од изјавите на двете обвинителки кои го водат случајот, Жаклина Крстевска Јосифовска и Ана Стојковиќ Димитровска.

-Изјавата на Кешишев во оваа фаза на постапката нема доказна вредност согласно Законот за кривична постапка. И тој и другите обвинети на крајот од судската постапка ќе имаат право да дадат своја одбрана која ќе биде подложена на прашања од двете страни и на Обвинителството и на одбраната и би требало да се разјаснат сите околности. Обвинителството смета дека од сите докази произлегува основаноста на обвинението, рече Димитровска.

На прашањето дали имаат материјални докази дека Палчо е сторител на убиството, Крстевска одговори: “Имаме, располагаме со доволно докази”.

Тие денеска за прв пат дадоа изјави за јавноста од почетокот на судењето и ја коментираа новата изјава која ја достави еден од обвинетите, Влатко Кешишев, кој тврдеше дека Палчо не бил на местата на убиствата, туку спиел во партијата.

Сепак оваа изјава како што кажа Димитровска нема доказна вредност и обвинетите во текот на судењето ќе имаат можност да дадат своја одбрана.

Кешишев според обвинението ја однел полицијата до местото каде што биле закопани жртвите и изјавил дека Палчо е сторителот, а сега тврдеше дека не бил на местото на убиствата.

Судењето денеска продолжува со испитување на сведоци од обвинителството, a потоа следуваат материјалните докази.(press24)

Back to top button
Close