Која е супер-храната што треба да ја јадете за појадок?
Од снегулки, јајца на око и палачинки, до остатoци од пица, денес има милион можности за појадок, но некои опции се побогати со хранливи материи од другите. Според нутриционистите, избор број еден се чиа семките.
„Тоа е супер-храна поради сите нутритивни својства што ги има, од влакна и магнезиум до витамини од групата Б, железо и малку протеини“, велат нутриционистите.
Чиа семките исто така содржат омега-3 масни киселини кои помагаат во одржувањето на здравјето на нашиот мозок и срце, а се покажало дека ги намалуваат воспаленијата. Одлични се и за регулирање на варењето бидејќи се извор на нерастворливи и растворливи влакна.
Само една порција чиа семки, од две до три лажици, нуди скоро 10 грама влакна, што е една третина од препорачаната дневна доза за повеќето луѓе. Влакната не само што помагаат во варењето, зголемувајќи и омекнувајќи ја столицата, туку е утврдено дека го намалуваат ризикот од многу опасни здравствени состојби, вклучувајќи срцеви болести, дијабетес и некои видови рак.
Чиа семките исто така се неверојатно разноврсни и може лесно да се додаваат на безброј омилени појадоци за да се зголемат нивните нутритивни придобивки.
„Можете да ги додадете во вашиот јогурт или во овесни снегулки, да ги посипете по тост со авокадо, да ги додадете во јајца или кафе, а можете едноставно да ги испиете откако ќе ги измешате во вода. Можете да ги потопите во бадемово или овесно млеко и да ги оставите во фрижидер преку ноќ“, порачуваат нутриционистите.(Трн)