ДУИ ги „испочитува“ САД со нула дејство: Груби се повлече

Артан Груби објави дека „се повлекува од јавниот живот“. По Мерко, тој е втор кадар на ДУИ санкциониран од САД во последниве две години, од кој партијата не побара никаква одговорност.

Иако ДУИ соопшти дека ја почитува одлуката на Стејт Департментот на САД, не направи ниту еден чекор за тоа и да го демонстрира преку партиско разрешување на нејзините функционери, кои се најдоа на црната листа на САД. Така беше минатата година во случајот со струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, а овојпат и со Артан Груби.

Додека партијата од Мала Речица со прст не мрдна да покаже дали и како е посветена на битката против корупцијата, освен вербално, а особено кога се засегнати нејзини функционери, самиот се огласи Артан Груби. Како што наведе, донел „лична одлука во служба на општото добро” и соопшти дека решил да се повлече од јавниот живот.

Да не бидам политички товар

Груби во образложението посочува дека целиот негов јавен живот, бескомпромисно го посветил на еднаквоста на Албанците во Северна Македонија, за регион во мир, за целосна интеграција во НАТО, за стратешко партнерство со САД и за членство во ЕУ.

„Фактот што денес Северна Македонија е членка на НАТО и ги започна преговорите за членство во ЕУ е јасен доказ за оваа соработка и заедничка посветеност. Но, цената на оваа посветеност, цена која отсекогаш била во служба на вредностите и правдата, е тешка за мене и за моето семејство. Огромните напади низ годините, погрешните толкувања и нефер штрајкови ме натераа да размислувам за мојата улога во овој важен момент за земјата и за нејзината иднина“, вели Груби.

Поранешниот прв вицепремиер за себе вели дека е „чист како солза“.

„Иако одлуката нагласува дека таа не е за осуда, туку за поттикнување на подобрување на однесувањето, јас пред Бога, семејството и пријателите сум чист како солза, но со намера да придонесам за вистината, која многумина од вас гледам дека веќе ја знаете, а за да не бидам ничиј политички товар, решив да се повлечам од јавниот живот и за ова го информирав претседателот Ахмети уште од првиот ден“, објаснува Груби.

Оваа „тешка одлука” ја смета како неопходна за мир на неговото семејство и за зачувување на неговиот личен и политички интегритет, како и за поддршка на континуитетот на работата и посветеноста на партискиот лидер Али Ахмети.

„Верувајте во неговиот правилен пат (на Али Ахмети, н.з.), пат кој беше и останува најголема надеж за Албанците и за сите граѓани на Северна Македонија. Секогаш останувам посветен на овие вредности и ќе бидам покрај нив, како граѓанин и како поддржувач на општото добро“, најавува Груби, во личната одлука да се повлече од јавниот живот.

Замрзни – одмрзни

Ова е втор случај во кој ДУИ вели дека ги почитува одлуките од институциите на стратешкиот партнер САД, но со ниту еден потег не го покажа тоа на дело. Во јуни 2023 година Стејт департментот го стави Рамиз Мерко на листата на санкции, со образложение дека додека ја извршувал функцијата градоначалник на Струга присвоил средства и се мешал во судските и другите јавни процеси, нанесувајќи ѝ штета на вербата на јавноста во демократските институции и функционери во Северна Македонија.

Ни тогаш ДУИ не донесе одлука за партиско санкционирање на нејзиниот партиски кадар. Мерко не беше разрешен од членство во партиските органи, а ДУИ соопшти дека „на барање на Мерко, му се замрзнува членството во партиските органи“.

Откако беше санкциониран од САД, на Мерко му беше потребна една недела за избере зборови со кои ќе се огласи во јавноста, а приказната ја почна од многу далеку.

„Од претседателот (Вудро, н.з.) Вилсон па сѐ до ден-денес, САД се наш сојузник во секој предизвик и заедно реализиравме многу значајни проекти за државата, градот и граѓаните на Струга (…) Во интерес на процесот, решив да ја замрзнам секоја активност во партиските структури до затворање на важните процеси за сите“, порача тогаш Мерко и вети дека ќе биде отворен за органите на правдата и за сите други институции.

Но, набрзо се виде дека неговото членство во партиските органи не е „замрзнато“. За фактот дека и натаму сѐ се одвива по старо или „како досега“, открија тв-камерите, кои во декември 2023 година го „уловија“ Мерко на партиски настан во организација на ДУИ. Од Мала Речица одбија да го коментираат заткулисното „одмрзнување“ на Мерко.

Држ’те го крадецот

Во стилот „крадецот вели – држ’те го крадецот”, зборот „ветинг” стана најомилениот збор на ДУИ за заштита од обвинувања или индиции за криминал кај нејзини функционери. Секогаш кога во јавноста беше посочувана злоупотреба од функционер на ДУИ, партијата тоа го третирираше како „лов на вештерки”.

„Ги повикуваме политичките партии да се надминат себеси, да престанат со лов на вештерки и замајување на јавноста за политичко дефокусирање и заедно да го усвоиме законот за меѓународно мониториран ветинг за сите наводи од независноста до денес“, порача ДУИ откако годинава остана во опозиција.

Се заложи за меѓународно мониториран ветинг, којшто ќе ги опфати не само политичарите, туку и судиите и обвинителите. Притоа ДУИ објаснуваше дека „ниската доверба во судството е поради партискиот притисок“, самата се изземаше од таков „придонес“, а вината ја лоцираше во македонските партии.

„Демократската унија за интеграција смета дека, за жал, напорите за воспоставување неселективна правда, сѐ до ден денес, потфрлија. Сето политичко интерферирање нѐ донесе до 2% доверба на судството поради партискиот притисок во сите години од независноста, од страна на македонските политички партии, кој што продолжува и денес со цел воспоставување селективна правда по партиски терк“, порачуваа во август од ДУИ.

Ни ангели, ни ѓаволи

ДУИ во 2020 година се пофали дека спровела процес на внатрешен партиски ветинг, иако никогаш не беа објавени детали низ какви процедури бил спроведен тој. Каков бил „филтерот“ и „квалитетот“ на таа внатрешна проверка во ДУИ, сведочи и фактот што партискиот ветинг успешно го поминал и Рамиз Мерко кој излезе како чист и неспорен кандидат за локалните избори и го доби четвртиот мандат во Струга, но и Артан Груби кој истата година стана прв заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците.

„Не се сите ангели во ДУИ“, во повеќе наврати порачуваше Ахмети. Истото го повтори и лани во јули, кога партијата избра нови претседатели на 14 ограноци за да ги елиминира „огнените“ од нејзините редови.

„Јас сум кажал дека не се сите ангели во ДУИ, но јас имам политички органи, немам јас обвинителски органи. За да биде процесот кредибилен бараме меѓународната заедница да прати меѓународни експерти за да стане доверлив процесот“, рече тогаш Ахмети.

Сега, кога санкциите имаат меѓународен печат, односно се изречени од Стејт департментот на Соединетите Американски Држави – стратешки партнер за кои ДУИ не штеди пофални зборови – Ахмети посочи дека Груби има право на жалба. (Dw)

Back to top button
Close