Германската екстремна десница го доведува во прашање членството на земјата во НАТО
Копретседавачот на екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД) Тино Крупала изјави дека Германија треба да го преиспита своето членство во НАТО, доколку алијансата во која доминираат САД не ги земе предвид интересите на европските земји, вклучително и интересите на Русија.
– Европа беше принудена да ги спроведе американските интереси. Ние тоа го отфрламе. НАТО во моментов не е одбранбен сојуз. Одбранбената заедница треба да ги прифати и почитува интересите на сите европски земји, вклучително и интересите на Русија. Доколку НАТО не е во можност да го обезбеди тоа, Германија треба да се запраша до кој степен тој сојуз е сè уште корисен за нас, изјави Крупала за германскиот весник „Велт“, пренесува Бета.
АфД, според анкетите, има поддршка од 18 до 19 отсто од гласачите во пресрет на предвремените парламентарни избори во Германија што ќе се одржат на 23 февруари, по гласањето за доверба на владата на Олаф Шолц закажано за утре, што треба да доведе до распуштање на Бундестагот.
Самиот канцелар Шолц го поттикна распуштањето со барање за гласање доверба на владата по распадот на неговата тричлена владејачка коалиција во ноември.
Поддршката за АфД, според анкетите, е поголема од онаа на социјалдемократите на Шолц, за кои би гласале 16 до 17 отсто од граѓаните и е зад конзервативниот блок ЦДУ-ЦСУ, кој води со 31 до 32 отсто поддршка.
Сепак, АфД има мали шанси да учествува во формирањето на владата, бидејќи другите партии ја отфрлија можноста за соработка со екстремно десничарската партија.
АФД силно ја критикува воената поддршка на Германија за Украина и повика на брз крај на војната.
– Германската влада конечно треба да дојде до точката каде што сака да ја заврши војната. Русија победи во оваа војна, реалноста ги надмина оние кои сакаат да ја направат Украина способна да победи“, вели Крупала, чија колешка Алис Вајдел ќе ја предводи листата на АфД како кандидат на партијата за канцелар.
Војната во Украина се очекува да биде една од главните теми на кампањата во Германија. Канцеларот Шолц вети натамошна поддршка на Киев, но сепак е претпазлив, бидејќи сака да ги придобие гласовите на пацифистите, особено на истокот на Германија.
Шолц се спротивстави на повиците за испраќање ракети со долг дострел во Киев кои може да се употребат за гаѓање цели на на руска територија, стравувајќи дека Германија ќе биде вовлечена во конфликтот, а неодамна имаше директен контакт со рускиот претседател Владимир Путин.