СДСМ: Тошковски свесно направи конфузија за Ковачевски и го вметна во предметот со Груби и Бајрами

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) обвинува дека министерот за внатрешни работи Панче Тошковски намерно се обидел да го вметне експремиерот Димитар Ковачевски во случајот со Артан Груби и Перпарим Бајрами.

„Тоа е она што го прави ВМРО-ДПМНЕ, политичко етикетирање преку институциите на прогонот“рече организацискиот секретар во СДСМ Мартин Костовски на денешната прес-конференција.

Според Костовски, со тоа што во јавноста била создадена конфузија, Ковачевски бил осуден, додека во реалноста Јавното Обивинителство сè уште нема оформено предмет.

„Според она што досега го дознавме од Јавното обвинителство сè уште нема постапка туку само кривична пријава која допрва ќе видиме дали е основана. Според Јавното обвинителство станува збор за сосема друг период и друг случај кој очигледно е различен од овој на Груби и Бајрами“,рече Костовски.

Костовски обвини дека ВМРО-ДПМНЕ подготвува терен за политички реваншизам од првиот ден кога е дојдена во извршната власт.

Поранешни премиер и вицепремиер се дел од истрагата за Лотарија, вели Тошковски

Тој посочувајќи дека за шест месеци се врши партизација на клучните безбедносни и правосудни институции вели дека со тоа ВМРО-ДПМНЕ укажува оти ќе води и партиски истраги и хајки против поранешни функционери.

„Се врши страшна партизација на клучните безбедносни и правосудни институции. За само шест месеци имаме целосно поклопување и преземање на Агенцијата за национална безбедност, масовна партизација во полицијата и назначување на партиски членови на ВМРО-ДПМНЕ во независниот граѓански надзор на комуникациите. Имаме поставување на судија во судскиот совет која е сопруга на градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ и уште еден кој е братучед на Изет Меџити. Ова јасно укажува дека ВМРО-ДПМНЕ со оваа партизација ќе води и партиски истраги и хајки против поранешни функционери“,рече Костовски.

Од СДСМ велат дека ги поддржуваат сите независни и професионални истраги против кои било поранешни и сегашни функционери и бараат надлежните институции да ги извршат своите обврски непристрасно и темелно, со што ќе се открие вистината.

„Секој функционер, без разлика на својата позиција или партиска припадност, има право на правична постапка и се смета за невин сè додека не се докаже спротивното. Секој обид за политизација или предвремена јавна осуда за лицата опфатени во истрагите ги поткопува принципите на правдата и одговорноста“,додаде тој.

Дека поранешни премиер и генерален секретар се дел од лицата против кои се поднесени кривични пријави за сторени кривични дела што довеле до поголема штета на буџетот во случајот Лотарија, на прес-конференција информираше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Од МВР не излегоа со имиња и со иницијали, но најголем дел од медиумите веќе пишуваа дека станува збор за поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, и ексгенсекот на Владата, Методија Димовски.

Кривичните против поранешните премиер и генсек на Владата за Лотарија не се отфрлени, се проверуваат наводите во нив

Републичкото јавно обвинителство вчера излезе со појаснување во кое се вели дека поранешен премиер и ексгенерален секретар на Владата не се опфатени во истрагата за случајот „Лотарија“, но и дека кривичната пријава поднесена против нив не е отфрлена.

Денеска, МВР ги објави меѓународните потерници распишани по поранешниот прв вицепремиер Артан Груби и ексдиректорот на „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами.

Back to top button
Close