АНАЛИЗА НА ПАРИ: Дали инфлацијата ќе го стопира падот на каматите уште на почетокот?

Полека оладуваат надежите за позначително намалување на каматните стапки по рекордниот пандемиски раст затоа што централните банки и владите тешко се справуваат со упорната инфлација. Дали инфлацијата ќе го запре падот на каматите уште на почетокот? Тоа ќе значи дека граѓаните и компаниите ќе мора и понатаму да се задолжуваат со поскапи кредити.

Засега Европската централна банка ја држи политиката во линија на постепено и претпазливо намалување на шестмесечниот Еурибор, кој е на најниско ниво од ноември 2022 година. Дали тоа ќе ја охрабри и Народната банка на Македонија да ја следи оваа политика или, пак, ќе го послуша Меѓународниот монетарен фонд, кој ја предупреди НБРМ дека е време да го запре натамошното монетарно олабавување, сѐ додека нема јасни показатели за намалување на инфлацијата?

Порталот Пари ги анализира податоците од централнната банка. НБРМ последен пат ја намали референтната каматна стапка пред еден месец за 0.2 п.п. и сега каматата на благајничките записи изнесува 5,35 насто. Каматата на благајничките записи почна да паѓа од втората половина на минатата година, кога беше на рекордно ниво од 6 насто. До пред само три години беше на ниво од 1,5 насто.

Намалувањето на домашната референтна каматна стапка и надолниот тренд на Еурибор придонесоа и за намалување на каматните стапки во земјава. Во јануари 2025 година просечната каматна стапка на вкупните кредити на месечно ниво беше пониска за 0,09 п.п., а на годишно за 0,34 п.п. и изнесуваше 5,21 насто. Просечната каматна стапка на вкупните кредити на корпоративниот сектор изнесуваше 4,85 насто и забележа месечен пад од 0,11 п.п., а годишен од 0,59 п.п. Каматната стапка на вкупните кредити на домаќинствата изнесуваше 5,55 насто и падна за 0,08 п.п. на месечна основа, а 0,10 п.п. на годишна основа.

 

 

Но, што се случува со инфлацијата и зошто монетарната власт е загрижена? Според последниот извештај на НБРМ за најновите макроекономски показатели, во декември 2024 година годишната стапка на инфлација изнесуваше 4,4 насто, а годишната динамика на раст на цените на прехранбената и базичната компонента и натаму е стабилна, додека падот кај цените на енергенсите благо забавува.

„Очекувањата на потрошувачите дадени во јануарските анкети упатуваат на намалување на цените во следниот период. Распонот во однос на инфлацијата во еврозоната во декември бележи мало стеснување, при малку посилно забрзување на инфлацијата во еврозоната од домашната инфлација. Ревизиите во однос на увозните цени се во различна насока, но упатуваат на урамнотежени ризици, иако неизвесноста од идната динамика на цените на примарните производи на берзите поради геополитичките тензии и климатските промени сѐ уште постои”, заклучува Централната банка. Но, НБРМ признава дека влијание врз нивото на стапката на инфлација има и пониската споредбена основа од истиот период минатата година, поради тогашните преземени мерки за привремено ограничување на растот на цените.

Дали тоа може да значи дека предвидувањата за инфлацијата нема да бидат оптимистички? НБРМ за 2024 година планираше годишна стапка на инфлација од 3,5 насто, додека за 2025 година планот е таа да не биде повисока од 2,5 насто. Според Државниот завод за статистика, инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во јануари 2025 година бележи зголемување од дури 4,9 насто во однос на јануари 2024 година, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 5,2 насто.

 

Овие податоци беа причина и за вклучување на црвениот аларм од страна на Меѓународниот монетарен фонд до централната банка во земјава.

„НБРМ треба да остане внимателна кон инфлаторните ризици од домашни фактори, вклучувајќи го и зголемувањето на платите и пензиите, како и зголемените надворешни ризици од трговските неизвесности”, порачаа монетарците.

Во вакви услови, неизвесно е дали НБРМ ќе успее да се справи со неприфатливо високата стапка на инфлација, а со тоа е неизвесно и дали ќе продолжи падот на каматните стапки, кој започна минатата година. Според песимистичките сценарија, може да се случи и обратен тренд, односно каматите да почнат да растат. Тоа најмалку го посакуваат и граѓаните и бизнисот затоа што повторно ќе им зголеми трошоците.

Целата анализа на следниот линк: https://pari.com.mk/dali-inflacijata-kje-go-stopira-padot-na-kamatite/

Back to top button
Close