Меџити за владината реконструкција: За ресорите уште не сме разговарале со премиерот

Реконструкција на Владата во текот на јуни е начелно договорена, но конкретните детали и распределбата на ресорите сè уште не биле предмет на разговор со премиерот Христијан Мицкоски. Ова денеска го изјави копретседателот на Влен и градоначалник на Општина Чаир, Изет Меџити, по отворањето на затворениот базен во населбата Топаанско Поле.
„Со премиерот, со владиниот партнер, само начелно разговаравме и договоривме дека ќе има реконструкција. Но, треба да седнеме да разговараме за принципите, за ресорите и другите прашања. За тоа не сме разговарале досега во детали“,
рече Меџити.
Меџити упати апел до пратениците Албанци да го поддржат предлог-законот за правична застапеност кој веќе се наоѓа во собраниска процедура. Осврнувајќи се на забелешките на Зијадин Села, тој нагласи дека по 25 години, ова прашање за првпат се решава со законско решение, а не да се занимаваат министерствата и дирекциите.
Новиот закон, рече тој, предвидува формирање на координативно тело предводено од првиот заменик-премиер, со што грижата за соодветна застапеност се издигнува на владино ниво.
Меџити предупреди дека секое службено лице кое во иднина ќе го прекрши законот, нема само да го наруши балансерот и конкурсот, туку ќе може дури и да биде санкционирано со оставка од политичка позиција.
Во однос на прашањето со правосудниот испит, Меџити истакна дека се потребни уште мали корекции и не очекува процесот да се одолжува. Тој ги повика студентите наместо на протести, да се подготват за прослава на оваа, како што ја нарече, заедничка победа.
„По 30 години се решава проблемот за правосудниот испит. Студентите Албанци ќе може да го полагаат испитот на албански јазик, исто како што и студираати логично беше и правосудниот испит да го полагаат на албански јазик, како што ќе се решаваат и други професионални испити. Нема потреба за протести. Нема причина и потреба да протестираат“,
рече Меџити.
Околу реконструкцијата на Владата, премиерот Христијан Мицкоски во март годинава најави дека во мај или во јуни ќе започнат разговорите за нов владин кабинет и евентуални промени на кадар.






