Брз воз остана заглавен во тунел во Толедо ден по трагедијата со 69 жртви

Брз воз на францускиот железнички оператор „Уиго“ (Ouigo) денеска остана заглавен во тунел во шпанската покраина Толедо поради дефект во електричното напојување, само еден ден по тешката железничка несреќа во близина на градот Урда во која загинаа најмалку 69 лица, меѓу кои и поранешната шпанска министерка за труд Фатима Бањез, објави весникот „Ла Расон“.

Денешниот инцидент се случи со возот што сообраќаше на линијата Мурсија – Ваљадолид, преку Мадрид. Тој ненадејно запрел по кинење на контактната мрежа, поради што било прекинато неговото напојување со електрична енергија.

Патниците останале во темница и без климатизација, откако екипажот ги исклучил главното осветлување и системот за климатизација за да заштеди електрична енергија до пристигнувањето на спасувачките екипи. Поради дефектот, во возот не можеле да се користат ниту тоалетите, ниту пак да се отвораат вратите.

Патник кој објави видеоснимка на социјалните мрежи ја опиша ситуацијата како „морничава шега“ со оглед на трагедијата од претходниот ден. Според него, во возот владеела „напната смиреност“, но патниците успеале да останат прибрани.

Од „Уиго“ соопштија дека патниците кои патувале кон Сеговија и Ваљадолид ќе го продолжат патувањето со автобуси. Компанијата најави можност за враќање на парите за билетите, како и дополнителен надомест во висина од 200 отсто од нивната цена за засегнатите патници.

Во меѓувреме, денеска беше официјално потврдено дека меѓу загинатите во вчерашниот судир на два брзи воза кај Урда е и 59-годишната Фатима Бањез, која ја извршуваше министерската функција за труд и социјална економија од 2011 до 2018 година и го предводеше спроведувањето на контроверзната реформа на трудовото законодавство во 2012 година. Нејзината смрт ја потврди Шпанската конфедерација на организации на работодавачи, чија фондација ја предводеше таа.

Back to top button
Close