Кралот Чарлс и украински војници на парадата за Денот на победата во Лондон
Британскиот крал Чарлс Трети и членови на кралското семејство денеска присуствуваа на свечената воена парада во Лондон, со што официјално започнаа четиридневните чествувања по повод 80-годишнината од крајот на Втората светска војна во Европа.
Британската влада има планирано повеќе настани во пресрет на годишнината од безусловната капитулација на нацистичка Германија, која стапи во сила на 8 мај 1945 година.
Одбележувањето започна точно напладне, кога стрелките на „Биг Бен“ означија 12 часот по локално време. Актерот Тимоти Спол го рецитираше победничкиот говор на Винстон Черчил, одржан пред нсобраниот народ на 8 мај 1945 година.
Повеќе од 1.300 војници на британската армија маршираа низ центарот на Лондон, а во парадата учествуваа и украински војници кои го носеа знамето на Украина – симбол на цврстата поддршка на Велика Британија за Киев во војната со Русија.
Кралот Чарлс оддаде почит на воените единици додека маршираа пред Бакингемската палата. До него беа кралицата Камила, принцот Вилијам со сопругата Кејт, премиерот Кир Стармер и ветерани.
„Сакам да знаете дека целата земја е инспирирана од вашата несебична посветеност“, напиша Стармер во отворено писмо до британските ветерани. „Оваа недела ќе ви покажеме колку сме благодарни. Зашто слободата, мирот и радоста што ги славиме не би биле можни без вашата служба“