Виткоф ги повика Израелците да изберат единство наместо поделби
Специјалниот пратеник на Соединетите Американски Држави за Блискиот Исток, Стив Виткоф, ги повика Израелците да изберат единство наместо поделби и потсети дека за овогодишниот Ден на независноста на Израел, 59 заложници сè уште се во заробеништво на Хамас.
– Се сеќавам дека бев во болница во Израел кога ги ослободивме војничките на ИДФ, и ја пеев песната „Am Yisrael Chai“ со нив и нивните семејства. Тогаш помислив: „Ова може да биде најрадосниот момент во мојот живот, рече Виткоф на собирот по повод Денот на независноста на Израел, кој го организираше израелската амбасада во Вашингтон, пренесе Тајмс оф Израел.
Тој рече дека во име на претседателот на САД, Доналд Трамп, ветува дека оваа година ќе работи „неуморно“ за следниот Ден на независноста да биде, не само „желба за среќа, туку реалност на мир, просперитет и единство за Израел“.
Виткоф рече дека САД и Израел се согласуваат дека „Иран никогаш нема да добие нуклеарно оружје“.
На крајот, тој ги повика Израелците да „изберат единство наместо поделби, визија наместо несогласувања и надеж наместо очај“.
– Кога ќе го сторат тоа, иднината на Израел ќе свети посилно од кога било, рече тој.
Фото: Канцеларија на специјалниот пратеник за Блискиот Исток на Х