Невреме во Славонија: Над 1.500 домаќинства без струја
По невремето што доцна синоќа со обилни врнежи ги зафати областите Винковци и Вуковар, без струја се уште околу 1.550 корисници во населените места Чаковци, Бокшиќ, Товарник, Илача, Томпоевци и Миклушевци, извести денеска Управата за цивилна заштита. Градот Винковци заедно со блискиот Цериќ и Вуковар и блиското Богдановци беа најпогодени од невремето со дожд, а на некои места и град во Вуковарско-сремската жупанија.
Во жупанискиот центар 112 Вуковар евидентирани се 87 интервенции на припадници на противпожарните единици ангажирани во испумпувањето на подрумите и приземните катови на станбени, деловни и угостителски објекти, како и шест интервенции за отстранување на паднатите дрвја од патиштата.
Делумно поплавен е и подвозникот под главната железничка пруга Новска – Товарник во Винковци, додека дрво паднало над пругата Винковци – Жупања на улицата Цигларска во Винковци.
За санирање на последиците беа ангажирани противпожарните служби од Вуковарско-сремската жупанија, поточно противпожарната единица Винковци, Жупања и Вуковар и противпожарната единица Стари Микановци, Нуштар и Ретковци.
Бурно време и во областа Славонски Брод
Невреме пропратено со силен дожд синоќа го погоди Славонски Брод и околните населени места во Бродско-Посавинската жупанија. Немало повредени лица.
Евидентирани се повеќе пријави од граѓани за поплавени подруми и паднати дрвја на коловозот, а поплавен е и подвозник на улицата „Еугена Кумичица“.
Од жупанискиот центар 112 за сите пријави ги известиле надлежните служби, а на лице место излегле пожарникарите од Противпожарната служба Славонски Брод, Противпожарната единица Копаница и Гарчин, а интервенциите за пумпање во месноста Славонски Брод се уште се во тек.