КРИК: Речиси четвртина милион евра од офшор зоната за образование на децата на српскиот министер за финансии Синиша Мали

За српскиот министер за финансии и поранешен градоначалник на Белград, Синиша Мали, трошоците за школување на неговите деца во престижно приватно училиште во главнот град на Србија биле двојно поголеми од оние што можел да ги заработи од својата плата.

Како што објави Крик, образованието на трите деца на министерот во приватно училиште во Белград чинело повеќе од 235.000 евра, а парите што биле платени доаѓале од неколку мистериозни офшор компании.

Крик и OCCRP, следејќи ја трагата на парите, откриваат дека зад една од тие офшор компании стои самиот Мали, зад друга стои локален бизнисмен непознат на пошироката јавност, додека третиот е тесно поврзан со меѓународната група „Comita“ со седиште во Москва. Во Србија, „Comita“ соработува со компаниите на Иван Бошњак и Стојан Вујкo, сопственици на „Милениум тим“, блиски до владејачката СНС.

Нашите деца одат во приватно училиште, а трошоците за сите три деца – 60.000 евра годишно, ги плаќаат мои пријатели. Пријателите што ги финансираат моите деца се пријатели што ги запознав во странство, кои немаат никаква врска со Србија, изјави во 2016 година тогашниот градоначалник на Белград Синиша Мали на суд.

 

Мали, кој неодамна се разведе го изјави ова во една од постапките што ги водеше против својата поранешна сопруга, наведува Крик. Неговата месечна плата во тоа време била околу 1.000 евра.

Адвокатот на неговата поранешна сопруга потоа се обиде да го праша кои пријатели плаќаат за школувањето на децата на градоначалникот, но судијата го забрани тоа прашање. Одговорот останува мистерија, до ден-денес, наведува Крик.

Школарината во престижното приватно училиште во Белград се разликувала од година во година, предучилишна и првите одделенија се поевтини од повисоките одделенија, а децата на градоначалникот почнале да одат на училиште во различни години – па затоа нивните седум години школување, според пресметката на Крик, чинеле околу 235.000 евра.

Партијата за слобода и правда (ССП) бара министерот за финансии Синиша Мали веднаш да биде разрешен од должноста и против него да се покрене кривична постапка поради сомневање за корупција, судир на интереси и злоупотреба на јавни ресурси во корист на приватни компании блиски до властите, вклучувајќи ја и компанијата „Милениум тим“, изјави денеска потпретседателот на ССП Душан Никезиќ.

Back to top button
Close