Украина ги повика странските војници да не учествуваат на парадата во Москва на 9 мај

Киев денеска ги повика странските војници да не учествуваат на големата воена парада што ќе се одржи во Москва на 9 мај за одбележување на победата над нацистичка Германија, за да не „споделат одговорност“ за „злосторствата“ за кои Украина ја обвинува руската армија, објавија украинските медиуми.

-Руската армија продолжува да извршува злосторства во Украина во размер што Европа не го видела од Втората светска војна, се вели во соопштението на украинската дипломатија. „Марширањето со нив значи споделување на одговорноста за крвта на украинските деца, цивили и воен персонал“, а не „славење на победата над нацизмот“, нагласи украинското Министерство за надворешни работи во соопштението.

„Учеството на странски воен персонал на овој настан е неприфатливо и Украина ќе го смета за навреда на сеќавањето на победата над нацизмот и на сеќавањето на милиони украински војници кои беа на фронтот и ја ослободија нашата земја и цела Европа од нацизмот пред осум децении“, забележа украинското Министерство за надворешни работи.

Во соопштението се нагласува дека Украина го цени споменот на Втората светска војна, чиј фронт двапати минуваше низ нејзина територија. Вкупниот број на украински жртви се проценува на осум милиони мртви – пет милиони цивили и три милиони војници.

Киев додаде дека руската војска, која ќе учествува на парадата на 9 мај во Москва, не е ослободител на Европа, туку „освојувачи и воени злосторници“. Русија поканува странски воен персонал да учествува на парадата за да ги оправда своите агресии и воени злосторства.

Повикот да не се учествува на парадата се однесува „особено на земјите кои прогласуваат неутралност во својот став кон руската агресија против Украина или постојано заземаат неутрална позиција во меѓународните односи“.

„Учеството на воен персонал од такви земји на заедничка парада директно би ја прекршило таквата декларирана неутралност и би се покажало како поддршка за земјата агресор“, нагласува Киев.

Back to top button
Close