Слепило
Почитувани читатели, во денешната колумна посветена на стечајот на Еуростандард банка ќе дадам уште една своја, лична перцепција за нештата кои се случуваат во нашето секојдневие.
Сѐ посилно е чувството на невиделина, на слепост при очи, на мижење, на затворање очи пред проблемите. Сѐ повеќе наликуваме на ној со глава во песок пред виулица. Со еден збор, колективно слепило меѓу нас граѓаните.
Сведоци сме на драматична, филмска комуникација меѓу Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска и Градоначалникот на Општина Чаир Висар Ганиу. Секако едниот актер го нема на виделина додека другиот му се обраќа. Драмата, за жал е во монолошка форма. Јавноста ( публиката) одамна е контаминирана со тешки криминали и скандали. Господинот Ганиу изјавува дека не постои општина каде не постојат дивоградби! Ваквата негова ноншалантна изјава за мене значи дека криминалот не само што е длабоко вкоренет во нашето секојдневие, туку се смета за нешто вообичаено и нормално. Затоа и не се преземат мерки за негово искоренување
. Граѓаните се навикнуваат на криминалот. Владата, предводена од господинот премиер Мицковски најави сериозна борба против организираниот криминалот и корупција на локално, централно и инстутиционално ниво. Помина една година од нивното владеење, резултатите не се видливи.
Почитувани читатели, за ваквата дрскост на господинот Висар Ганиу мора да постои систем кој му го чува грбот! Анализирајќи го нашиот одомаќинет 35 годишен плурализам во Македонија, доаѓам до заклучок дека партиите се тие кои даваат гаранции дека направениот криминал од нивните членови ќе остане неказнет. Изминатите 35 години не видов ниту еден политичар да биоде осуден за криминалот кој што го направил.
Сведоци сме на заташкани предмети во Обвинителството и судството, а доколку истите не може да се заташкаат, тогаш им се прави пат да избегаат од државата. И секако, после извесен период на застареност на таквите предмети, се враќаат во татковината како чесни граѓани.
Кој ја плаќа цената на овој криминал и корупција во земјата кој е длабоко метастазиран во нашето секојдневие? Дефинитивно народот ја плаќа, тие коишто чесно ја сакаат својата татковина и веруваат во неа. Криминалците не само што не се казнети туку се и рехабилитирани. Најбогатите поединци кои денеска прават бизнис со Македонија се бивши политичари, кои своите финансиски средства ги стекнале на нечесен начин.
Слепило.
Општо слепило или замижување пред вистината поради некој личен интерес Денес за да бидеш успешен стопанственик во Македонија треба да си близок до врхушките на големите политички партии. Луѓето како мене кои веруваат во правдата се ставени на отстрел. Македонец сум. Си ја сакам татковината, ги сакам и почитувам сите мои сограѓани Не можам да го разберам слепилото кое завладеа меѓу нас. Дали навистина до толку не можеме да видиме дека ,,царот е гол”?
Како можам да верувам во луѓе и поединци кои немаат никакво знаење и искуство, а од своите високи позиции носат клучни одлуки за суштински работи кои се битни за државата. Лидерството во нашите политички партии се идентификува со послушност на членството во сопствената партија. Понизната послушност, полтронството, секогаш се наградени, унапредени бидејќи партијата го штити таквиот кадар. Пораката за недопирливост на политичарите пред законот е пратена, прифатена и употребена на дело во реалноста.
Благодарам до сите мои пријатели и непријатели коишто ме следат на социјални мрежи. Пишувам за правдата која треба да ја устоличиме во нашето секојдневие. Не сум единствениот кој е оштетен од сопствената држава, меѓутоа претпоставувам дека сум еден од ретките кој е високо почитуван меѓу своите сограѓани. Почитта од моите сограѓани ја чувствувам секојдневно и кога се движам по улиците , пазариштата, трговските молови, кафетерии, ресторани, наплатни рампи, гранични премини, спортски терени и сл. Тоа ме трогнува и ми дава сила. Затоа сум длабоко благодарен.
Почитта, репутацијата не се купуваат со пари. Угледот се стекнува. Јавноста знае дека од стечајната маса на Еуростандард банка во стечај се обештетени сите правни и физички лица, клиенти на банката. Екипата која го води стечајот веќе има потрошено повеќе милиони евра. во изминатите 5 години. Средства во стечајната маса уште ќе се собираат.
Јас и моето семејство пред органите на прогонот сме ставени на столбот на срамот. Замрзнатиот имот без право да го стопанисуваме и отуѓиме е срам којшто не сум го заслужил Цели 5 години се води истрага против мене, а само еднаш бев повикан на разговор. Не разбирам каква истрага води обвинителството предводено од првиот човек Љупчо Коцевски? Главните виновници за стечајот на Еуростандард банка се Народна банка, предводена од екс гувернерката Анита Бежоска и Владата предводена од Социјалдемократскиот сојуз на Заев и Оливер Спасовски.
Против овие личности не се покренува никаква истрага. ЗОШТО? Не можам да ја сфатам толерантноста кон политичките криминалци од сите големи партии во нашата Македонија. Немаме ниту еден осуден криминалец од овие политички чинители, а доколку им се суди и некој е осуден, со украдените пари си ја откупуваат слободата.
Пред нас се локалните избори. Јавноста повторно ќе биде замајувана со лажни ветувања. Ќе се бираат нови градоначалници и советници со надеж дека ќе бидат подобри. Па во кој систем тие нови функционери ќе работат? По кој модел и како ќе работат? Централната власт мора да покаже одлучност и да отвори вистинска борба против организираниот криминал и корупција. За трагичниот настан во Кочани требаат конкретни чекори.
Доколку истите не ги почувствувам, званично обзнанувам дека веќе никогаш нема да излезам на гласање на локалните и парламентарни избори. Политичките партии, кои со години владеат во Македонија, имаат преќутен договор за меѓусебна толеранција и заташкување на криминалот. Затоа криминалот ќе цути, затоа што има плодна почва и редовно се залева. Слепи при очи…
Трифун Костовски