Шекеринска со благодарници до Јелко Кацин и советничкиот тим од НАТО Канцеларијата за врски

Скопје, 20 август 2020 (МИА) – По повод Денот на Армијата и членството на Република Северна Македонија во НАТО, министерката за одбрана Радмила Шекеринска додели плакети и писма со благодарност до словенечкиот политичар Јелко Кацин, кој ја вршеше функцијата постојан претставник на Словенија во НАТО, и до Блерим Кољали и Валентин Диневски, поранешен и сегашен советник во Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје.

Шекеринска утрово низ видео разговор со Кацин му изрази благодарност за поддршката, соопштија од МО.

– Северна Македонија и Словенија поминаа долг пат заедно благодарение на Вашето залагање и желба да ја видите нашата земја членка на НАТО. Сега кога оваа наша заедничка цел е исполнета примете го овој мал знак на благодарност и почит за напорите што ги вложивте и лично и во име на вашата земја додека ја вршевте функцијата на нејзин постојан претставник во НАТО, да ни помогнете кога тоа ни беше потребно, рече Шекеринска во разговорот со Кацин.

Во писмата што Шекеринска заедно со плакетите им ги предае на претставниците од Канцеларијата на НАТО за врски се истакнува важноста на нивните напори во зачленувањето на Северна Македонија во Алијансата и нивниот личен придонес во остварувањето на оваа цел.

– Со вашата посветеност на задачите помогнавте во градењето мост меѓу клучните институции на Министерството за одбрана и на Генералштабот со структурите на НАТО, вели министерката Шекеринска, заблагодарувајќи им се што и овозможиле на земјата полесно да го помине процесот на зачленување во Алијансата. цр/са/

Back to top button
Close