Левица: Николоски најголемиот тендер го доделил на „Стентон градба” која ја обвинуваше за криминали со СДС

Министерството за транспорт, предводено од Александар Николоски, минатата година во декември склучило договор со контроверзната битолска компанија „Стентон градба”. Тендерот гласи за ископ на глина и истиот е склучен во неверојатен износ од 2.300.000 евра!

Скандалозното во овој тендер е што токму министерот Николоски, во опозиција, обвинуваше дека СДС со делење криминални тендери на оваа компанија, Битола го има претворено во „СтентонГрад”. Наместо истрага за контроверзните тендери од минатото, сведочиме како Николоски најголемиот тендер во рамки на своето министерство го има доделено токму на компанија која важи за блиска до СДС.

Лицемерието на оваа власт најдобро е олицетворено што токму пред еден месец, владејачката ВМРО–ДПМНЕ на прес-конференција го повика Јавното обвинителство да поведе истрага за тендерите кои ги добивала „Стентон градба”. Како што тврди владејачката партија, оваа компанија била во топ 10 фирми по добиени тендери за време на владеењето на СДС и целиот нејзин профит произлегува единствено од договори за јавни набавки преку државни институции.

Левица јавно прашува: дали јавното обвинителсто не ја испитува тендер-шемата со „Стентон градба” затоа што министри во актуелната влада делат тендери од 2 милиони евра на оваа контроверзна компанија? Како е можно министри од ВМРО–ДПМНЕ да склучуваат тендери во милионски износи со компании за кои тврдат дека се во директна врска со Заев и Филипче?!

Ниту правда, ниту одговорност за криминалите на претходната влада нема да има, затоа што и двете најголеми партии 30 години егзистираат преку бизнис-спреги со локални моќници, додека меѓусебно се амнестираат за штетните политики преку кои ги осиромашија граѓаните на Македонија.

Левица

Back to top button
Close