Денеска избор за министер: Азир Алиу од „Вреди“ се очекува да го преземе здравството

На денешната седница на Собранието, пратениците ќе одлучуваат за изборот на нов министер за здравство – Азир Алиу, кадар на движењето „Вреди“. За Алиу ова ќе биде втор министерски мандат, но прв во сферата на здравството – сектор во кој досега нема професионално искуство.

Алиу е професор по информатички науки и претходно беше министер за информатичко општество и администрација во владата на Димитар Ковачевски, како дел од Алијансата за Албанците. По расколот со Арбен Таравари, реши да ја напушти партијата и остана во новото парламентарно мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ.

И покрај тоа што неговата стручност е надвор од областа на здравството, власта го гледа тоа како предност – очекуваат од него системска реорганизација и подобро менаџирање на секторот кој, според критиките, е во лоша состојба.

Од СДСМ не го коментираат директно Алиу, но потсетуваат дека здравството е едно од најзапоставените министерства под оваа власт.

Алиу веќе еднаш, во почетокот на 2024 година, се раздели со тогашната коалиција на Алијансата, заедно со Таравари и Села, по што беше разрешен од министерската функција. Подоцна се врати во игра преку крилото што остана во „Вреди“, добивајќи влијателна улога во преговорите со ВМРО-ДПМНЕ за новата влада.

Покрај него, денеска треба да се избере и нов заменик-министер за земјоделие – Албрим Хоџа. Тој е поранешен новинар, но има и искуство со ИПАРД проекти и аграрни политики. Ова место исто така претходно му припаѓаше на кадар на Алијанса за Албанците.

Според собранискиот деловник, расправата за секој предлог-министер може да трае најмногу еден час, а гласањето мора да се одржи најдоцна до полноќ.

Извор: skopje1.mk

Back to top button
Close