Кац: Жителите на Техеран наскоро ќе ја платат цената

Израелскиот министер за одбрана Израел Кац денеска повторно му се закани на Иран, велејќи дека „жителите на Техеран ќе ја платат цената“ за нападите на Иран врз израелските цивили.

-Арогантниот диктатор во Техеран стана кукавички убиец кој ги таргетира израелските цивили за да ги спречи ИДФ (Израелските одбранбени сили) да продолжат со нападите што ги осакатуваат воените капацитети на Иран. Жителите на Техеран наскоро ќе ја платат цената, рече Кац во објава на платформата „X“.

Оваа изјава доаѓа еден ден откако истиот министер вчера се закани: „Ако врховниот лидер на Иран, Хамнеи, продолжи да испукува ракети врз израелските цивили – Техеран ќе гори“, објави „Тајмс оф Израел“.

Пораките на Кац доаѓаат во време кога размената на напади меѓу Иран и Израел продолжува, при што бројот на жртви расте од двете страни. Израелските власти тврдат дека Иран намерно таргетира цивилни цели, додека Иран тврди дека се одмаздува за „израелската агресија и злосторства“.

Back to top button
Close