Четиринаесет мртви во руски напад врз станбени области во Киев

Во комбиниран руски напад со беспилотни летала и ракети во Киев рано утрото на 17 јуни загинаа најмалку 14 лица, вклучувајќи еден американски државјанин, а беа повредени најмалку 44 лица, соопштија украинските власти.

Официјалните лица изјавија дека руските сили користеле дронови и ракети во нападот, кој погоди неколку области на главниот град.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека девет лица се ранети во градскиот округ Свјатошински, а уште 11 во округот Соломјански. Шест лица се хоспитализирани, а пожари избувнаа во два други киевски округа како резултат на паѓање на остатоци.

Шеесет и двегодишниот Американец „починал во куќа во населбата Соломјански, спроти местото каде што медицинските лица им помагале на повредените“, напишал Кличко на Телеграм.

Тимур Ткаченко, началник на градската воена администрација, потврди дека пожари избувнале во различни делови на Киев. Други делови од земјата беа исто така нападнати, вклучувајќи го и југоисточниот град Запорожје, каде што регионалниот гувернер пријави најмалку четири напади.

Во меѓувреме, Русија објави дека нејзината воздушна одбрана соборила два украински беспилотни летала што се движеле кон Москва.

Руските единици за воздушна одбрана, исто така, уништиле 51 украински дрон над граничниот регион Белгород во период од три и пол часа, соопшти Министерството за одбрана.

Нападот извршен од руските сили е најновиот во серијата масовни напади со беспилотни летала и ракети врз Киев и други градови во земјата.

Ова се случи во пресрет на закажаната средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски на самитот на Групата седум (Г7) во Канада.

Но, доцна на 16 јуни, состанокот беше откажан, откако Белата куќа објави дека Трамп ќе се врати во Вашингтон порано поради тензиите на Блискиот Исток. Се очекува да се одржат и други средби еден на еден на Зеленски со светските лидери.

Американскиот претседател Доналд Трамп пристигнува на самитот на лидерите на Г7 во Канада, 15 јуни 2025 година

Шефот на кабинетот на украинскиот претседател, Андриј Јермак, остро ги осуди новите руски напади врз Киев, велејќи дека Москва „продолжува со војната против цивилите“.

Москва продолжи со нападите врз Украина и покрај напорите на САД да посредуваат во постигнување на прекин на огнот. Малку напредок е постигнат во преговорите, освен размената на затвореници. Москва го отфрли барањето на Киев за безусловно примирје, додека Украина ги отфрли руските барања како „ултиматуми“.

Back to top button
Close