Трамп се колеба да го нападне Иран поради т.н. „бомба за уништување бункери“, велат американски извори
Според луѓе запознаени со ова прашање, Трамп им рекол на своите функционери задолжени за одбраната дека нападот на Иран би имал смисла само ако т.н. бомба „уништувач на бункери“ со сигурност може да го уништи иранскиот објект за збогатување ураниум во Фордоу (Fordow), пишува „Гардијан“
Прашањето дали Соединетите Американски Држави (САД) ќе се вклучат во воената офанзива на Израел и ќе го нападнат Иран во моментов е во фокусот на светската јавност.

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера избегна директно да одговори дали ќе нареди напад на Иран, велејќи дека можеби ќе го стори тоа, а можеби и не.
„Никој не знае што ќе направам“,рече тој.
Трамп изјавата ја даде во разговор со новинарите на Јужниот тревник на Белата куќа, каде се поставуваше јарбол за огромно знаме на САД, по што замина на брифинг во „Собата за ситуации“.
Според луѓе запознаени со разговорите, Трамп им рекол на своите функционери задолжени за одбраната дека нападот на Иран би имал смисла само ако т.н. бомба „уништувач на бункери“ со сигурност може да го уништи иранскиот објект за збогатување ураниум во Фордоу (Fordow), пишува „Гардијан“.
Американскиот претседател бил брифиран дека фрлањето на ГБУ-57 (GBU-57), бомба од 1,6 тони, ефикасно ќе го уништи Фордоу, но, според изворите, Трамп не бил целосно убеден во овие наводи и се воздржал од одобрување напади врз Иран. Дополнително, уште една причина за воздржаност биле неговите очекувања дека Иран ќе се согласи на разговори по заканите за можно вклучување на САД во офанзивата врз земјата.
Ефикасноста на ГБУ-57 била тема на длабока дискусија во Пентагон уште од почетокот на мандатот на Трамп во Белата куќа. Двајца одбранбени функционери на САД биле брифирани дека само тактичко нуклеарно оружје би можело да го уништи Фордоу, бидејќи објектот се наоѓа длабоко под земја.
Од друга страна, Трамп не размислува за употреба на тактичко нуклерно оружје врз Фордоу, а за ваквата можност не брифирале ниту секретарот за одбрана на САД, Пит Хегсет ниту шефот на здружениот генералштаб, генералот Ден Кејн, на состаноците во „Собата за ситуации“ во Белата куќа“, велат два извори запознаени со ова прашање.
На претставниците задолжени за одбраната на САД кои биле на брифингот им било кажано дека употребата на конвенционални бомби, дури и како дел од поширок пакет удари со неколку бомби ГБУ-57, нема да продре доволно длабоко под земја и ќе предизвика само доволна штета за да ги сруши тунелите и да го закопа објектот во нивните урнатини.
На брифингот можело да слушне дека целосното уништување на Фордоу, за кое израелското разузнавање проценува дека се наоѓа 90 метри под земја, ќе бара од силите на САД првин да го „омекнат“ теренот со конвенционални бомби, а потоа на крајот да фрлат тактичка нуклеарна бомба од бомбардер Б2 за да го уништат целиот објект.
Ова е сценариото кое, според изворите, Трамп не го разгледува
Инаку, проценките ги направила Агенцијата за намалување на заканите во одбраната (DTRA), која дел од Министерството за одбрана која ја тестирала ГБУ-57 во рамките на ревизијата на американските воени ограничувања кога станува збор за подземни објекти.
Ситуацијата, како што пишува „Гардијан“, ја покажува сложеноста на еден ваков напад и што би значело успех во конкретниот случај. Проценките велат дека бомбардирањето на постројката со ГБУ-57 веројатно ќе ја намали способноста на Иран да добие ураниум за нуклеарно оружје до неколку години, но нема целосно да ја уништи програмата.
Од Белата куќа и од Пентагон досега не одговориле на новинарските барања за коментар во врска со ваквите наводи.
Инаку, исклучувањето на Фордоу, било на дипломатски или на воен начин, се смета за клучно во напорите Иран да се спречи да дојде до нуклеарно оружје, откако Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) откри дека локацијата има збогатен ураниум до 83,7% што е близу до 90% колку е потребно за нуклеарно оружје.
Секој обид за уништување на Фордоу би барал вклучување на САД бидејќи Израел нема оружје за да погоди објект лоциран толку длабоко под земја, ниту авиони за да го носи.Компликациите што се наметнуваат околу користењето на ГБУ-57 за напад на Фордоу, според двајцата службеници запознаени со брифингот на DTRA, делумно лежат во карактеристиките на објектот кој е закопан во планина, како и фактот што бомбата никогаш порано не е користена во слична ситуација.
Бомбата ГБУ-57 е позната како „уништувач на бункери“ бидејќи е дизајнирана да уништува подземни бункери, но може да ја носи само бомбардер Б2 кој има воздушна супериорност и бара солиден ГПС сигнал за да ја фиксира својата цел.
Иако Израел изјави дека воспоставил воздушна супериорност над Иран, за успешен напад сепак би било потребно однапред да се отстранат сите ГПС блокатори и други одбранбени средства, за да може бомбата да навлезе доволно длабоко во земјата за да го неутрализира објектот.
Иран го изгради објектот за збогатување нуклеарно ураниум во Фордоу под земја за да го заштити од заканата од воздушни напади. Во 1981 година, Израел бомбардираше нуклеарен објект во близина на Багдад, кој се наоѓаше над земјата, со цел да го спречи Ирак да развива нуклеарно оружје.
Во последниве години, Израел смисли различни планови за уништување на Фордоу без помош на САД. Во еден од нив, Израел предложи да се натоварат хеликоптери со командоси кои би можеле да се пробијат во објектот и да го дигнат во воздух, опција што Трамп исто така ја отфрлил, тврдат извори запознаени со ова прашање.