Ги одмеруваат кандидатите или тактизираат?

Промоција на централниот штаб на ВЛЕН и на неговата структура за утревечер на плоштадот Скендербег, најави Изет Меџити, еден од лидерите во таа коалиција, со порака „Ќе се видиме каде што сè започна!“

На местото каде што ВЛЕН ја започна битката за промени, денес има еден партнер помалку – Арбен Таравари, кој го предводи едното крило на Алијанса за Албанците (АА). Но, според вицепремиерот Арбен Фетаи кој е од редовите на АА, доминантното членство на Алијансата за Албанците и натаму е дел од ВЛЕН.

„Јас сум дел од Алијанса за Албанците. АА им припаѓа на активистите, не е ниту на Села ниту на Таравари. Мора да разбереме едно – дека партиите не се сопственост на поединци (…) Слободно можам да кажам дека 80% од Алијансата за Албанците продолжува да биде дел од коалицијата ВЛЕН. Арбен Таравари има мала група луѓе кои ќе го напуштат во моментот кога таа ќе ја формализира коалицијата со ДУИ“, рече Фетаи во медиумски настап.

 

Поделба на изборната мапа

Засега нема потврда дека завршила поделбата на изборната мапа во атарот на Европскиот фронт, предводен од ДУИ, ниту како во неа се вкалкулирани апетитите на Таравари. Според неофицијални информации, немало епилог по одвоените средби што пред два дена ги имал лидерот на ДУИ, Али Ахмети со предводниците на двете крила на АА, Зијадин Села и Арбен Таравари.

Како што објавуваат медиуми на албански јазик повикувајќи се на неофицијални извори, ДУИ би требало да има свои кандидати во Тетово, Чаир и Кичево, крилото на Таравари во Гостивар, Врапчиште и Сарај, а крилото на Села во Струга и Арачиново. Наводно, таков договор не бил финализиран, па се очекувало викендов разговорите да продолжат, а на маса да бидат ставени и други комбинации за поделба на преостанатите општини – Боговиње, Теарце, Липково, Желино, Брвеница, Студеничани, Дебар, Пласница… Во разговорите се дебатирало и за тоа во кои општини гласовите на Албанците може да бидат одлучувачки.

Според партиски извори, Таравари и Села наводно немале намера да го намалат бројот на општини во кои сакаат да номинираат нивни кандидати, што ја отежнувало климата за разговори и просторот за соработка. Наводно, и локални функционери на ДУИ веќе изразиле негодување од идејата дел од општините што претходно ги освоиле да бидат отстапени на некој што до вчера им бил опонент.

 

Два доминантни блока

Иако во моментов не е извесно дали Таравари ќе има успешен договор со ДУИ, или неговото отцепување од ВЛЕН ќе заврши како политичко „салто мортале“, Изет Меџити е сигурен дека Таравари е веќе дел од ДУИ.

„Тој е веќе дел од ДУИ, дел од тој блок. Може да увидите дека ако претходно причина беа посебните листи за советници за тој да излезе од ВЛЕН, веќе ги заборавил тие листи, туку секојдневно соработува со ДУИ и се спремаат заедно да настапат на избори“, рече Меџити.

Сигурен е и дека во албанскиот кампус на локалните избори ќе се натпреваруват две политички опции (ВЛЕН и Европскиот фронт) и смета дека таа поделба е здрава за едно демократско општество.

Досега ниту еден од двата доминантни блока не ги објави имиња на кандидатите за локалните избори. Од ВЛЕН велат дека се ангажирани агенции за испитување на јавното мислење и дека анкетите ќе бидат еден од клучните фактори за избор на најквалитетните кандидати.

И додека тој процес кај ВЛЕН се одвива во стабилна коалициска соработка, за ДУИ ќе биде предизвик да ја задржи внатрешната кохезија во фронтот, бидејќи е неизвесно дали ќе ги задоволи апетитите на двете крила на Алијанса за Албанците, а во исто време да не наруши односи со други партнери во фронтот.

Второ, дури и разговорите на Ахмети со Села и Таравари „на хартија“ да завршат успешно, останува прашањето како двете спротивставени крила на АА би функционирале на терен, каде што ќе мора да водат заедничка кампања, односно дали сето тоа може да заврши со тивки опструкции кои ќе се одразат негативно на изборните резултати.

Од друга страна, ВЛЕН ќе биде пред задача да ги потврди резултатите во општините што веќе ги управуваат нивни кадри, особено во Тетово и Чаир, но и да освојат повеќе гласови од опонентскиот блок, за уште појасно да го потврдат легитимитетот кој ДУИ им го оспорува од ланските парламентарни избори.

 

Кој вработувал повеќе

Иако се во прашање се комбинаторики и позиционирање пред локалните избори, темите околку кои двата блока разменуваат критики најмалку се локални. Ако се следат јавните настапи на Таравари, евидентно е дека тој ги користи истите наративи на ДУИ во критиките кон довчерашните партнери од ВЛЕН. Ако во стартот причина беа посебните листи за советници, списокот до денес постојано се проширува. Вели дека заминувањето дошло како резултат на отстапувањето на земјата од европскиот пат, отстранувањето на балансерот, неуспехот да се воведе Законот за фер и соодветна застапеност, фискална децентрализација… На косовска телевизија тој се пожали дека во институциите се отвораат стотици работни места, а пропорцијата е околу 5% Албанци и 95% Македонци.

Зградата на седиштето на ДУИ во Мала Речица со името на партијата на неа и закачени знамиња пред неаЗградата на седиштето на ДУИ во Мала Речица со името на партијата на неа и закачени знамиња пред неа

„Ова е скандалозно и ако останевме во ВЛЕН и во Владата, како ќе ги поминеме локалните изборите во октомври и како ќе им кажеме на граѓаните да гласаат за нас?“, изјави Таравари.

Истовремено од ДУИ реагираа дека „духот на Охридскиот договор не може да се спроведува со Албанци за украс на чело на институциите“. Првиот вицепремиер, Изет Меџити, вели дека ваквите изјави доаѓаат како резултат на недостиг од аргументи.

„Ако е за вработувањето, нека ја изберат годината кога имале врв на вработување во овие 20 години, и ајде да споредиме со вработувањето што го прави ВЛЕН за само една година. Кога станува збор за соодветна застапеност, покрај фактот дека го надминавме врвот, ајде да споредиме колку Албанци се вработени во нивно време, а колку во наше. Да не зборуваме за напредувањето на 800 Албанци во јавната администрација“, изјави Меџити.(dw)

Back to top button
Close