За тепачката и хаосот во општина Кочани меѓусебно се обвинуваат сдсм и вмро дпмне

ВМРО-ДПМНЕ силно го осудува насилието кое денес го демонстрираше кочанскиот функционер на СДС.Овој советник може да се види во прегратките на Венко Филипче и на заеднички фотографии со него, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ, по тепачката во Општина Кочани во која беше повредено едно лице.

„Во Скопје секојдевно блуат невистини и лажни вести за Кочани. Полни со некрофилија и негативности, како и дезинформации кои директно им помагаат на оние кои не сакаат правда. Иако тие ни збор не кажуваат за модуларната болница, а како ѓавол од темјан бегаат за одговорност на Венко Филипче за овој случај. И додека конструираат и лажат нивниот советник и функционер Аки Акиов дели тупаници на кочанчани и се заканува.

ВМРО-ДПМНЕ силно го осудува насилието кое денес го демонстрираше кочанскиот функционер на СДС. Овој советник може да се види во прегратките на Венко Филипче и на заеднички фотографии со него. Бараме СДС и Венко Филипче да се оградат од неговото однесување и истиот да си поднесе оставка од член на Советот на Кочани. Ова е срамно и дрско однесување. СДС е сол на раните на кочанчани и бескруполозно ги злоупотребува нивните судбини“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Сдсм со реакција

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија најостро го осудува насилството што се случи на седницата на Советот на општина Кочани.

Ги осудуваме и провидните сценарија на ВМРО-ДПМНЕ, кои со провокации и намерно поттикнување тензии се обидуваат да создадат конфликти и нестабилност во Кочани.

Учесници во инцидентот се советник на ВМРО-ДПМНЕ и советник од Ромската партија, а повредена е вработена во општинската администрација – што дополнително ја отсликува сериозноста на овој инцидент.

СДСМ целосно се оградува од постапките на советникот што го предизвика денешиот инцидент, потенцираме дека не станува збор за наш член туку коалициски партнер.

Факт е дека советниците на ВМРО-ДПМНЕ постојано провоцираат за време на седниците на Советот на општина Кочани. Сценариото на неколку седници наназад вклучуваше навреди на етничка, верска и лична основа, погрдни зборови упатени не само кон поединци, туку и кон целата ромска заедница.

Советникот Васе Алексов од ВМРО-ДПМНЕ беше најгласен во навредите и погрдните зборови и тоа го знаат сите советници.

Иако провокациите на советниците на ВМРО-ДПМНЕ беа очигледни, недозволиво е каков било чин на насилство. Насилството не смее да има и мора да биде санкционирано.

Очекуваме надлежните институции целосно да го расчистат случајот и да утврдат одговорност кај сите инволвирани.

На Кочани, на семејствата, на повредените, на починатите, никому ова не му е потребно освен на ВМРО-ДПМНЕ.

На Кочани му е потребна солидарност, стабилност и решенија, а не насилни сценарија инспирирани од политички калкулации на власта.

Back to top button
Close