Затворање на Ормускиот теснец ќе се одрази и на Македонија
Затварање на Ормускиот теснец ќе ја зголеми цената на нафтата, а тоа негативно и инфлаторно ќе се одрази и врз Северна Македонија и регионот“, вели поранешниот амбасадор во НАТО, Нано Ружин.

Македонија и регионот може да се соочат со економски последици ако се затвори Ормускиот теснец, кој е клучен за премин за глобалната трговија со нафта. Низ тој теснец помеѓу Иран и Оманскиот Залив, поминува околу 20% од светската поморска трговија со нафта и една петтина од трговијата со течен природен гас (LNG).
И земји кои не увезуваат нафта од држави во Заливот би силно биле погодени, бидејќи падот на понудата ќе ја крене цената на глобалниот пазар над 100 долари за барел (според некои прогнози и многу повеќе) што би довело до зголемување на инфлацијата, забавување на економскиот раст и нарушени синџири на снабдување.
Иранската телевизија Прес ТВ веќе објави дека иранскиот парламент го одобрил затворањето на Ормускиот теснец. Иако последниот збор го има иранскиот Врховен совет за национална безбедност, облаци на загриженост надвиснаа во регионот и светот. Земјите веќе прават анализи – што би било ако се случи таква трговска блокада. Кина, Индија, Јапонија и Јужна Кореја се меѓу главните увозници на нафта која поминува низ овој теснец, а малите увозно зависни земји ќе ги почувствуваат последиците од скокот на цените доколку се случи блокада.
„Затварање на Ормускиот теснец ќе ја зголеми цената на нафтата а тоа негативно и инфлаторно ќе се одрази и врз Северна Македонија и регионот“, вели поранешниот македонски амбасадор во НАТО, Нано Ружин.
Си-Ен-Ен наведува податок од Американската управа за енергетски информации, според кој, низ овој теснец чиј северна страна ја контролира Иран, секој ден поминуваат околу 20 милиони барели нафта, што претставува околу една петина од глобалното дневно производство.
Во соседна Србија, која како и Македонија е зависна од увоз на нафта и гас, се прават експертски проценки (врз основа на споредби со претходни слични кризи) за тоа колку проценти би се зголемила цените на енергенсите, храната, порастот на инфлацијата.
Вовед во опасна спирала
Нападите на Израел врз Иран пред десетина дена предзивикаа раст на цената на светските берзи на брент нафтата и се сметаше дека тоа е еден од пиковите по кои ќе се стабилизираат цените. Но, ако се затвори Ормускиот мореуз, тоа би било влез во опасна спирала, која го враќа сеќавањето на неколку претходни нафтени кризи што предизвикаа глобална рецесија, а тоа најмногу го почувствуваа малите и увозно зависни земји.
Според неформални пресметки тоа може да доведе до потенцијален скок на цените на горивата за 20-30 oтсто, раст на инфлацијата, раст на цените на храната и длабоко намалена куповна моќ. Најпогодени од евентуална трговска блокада би биле земји со висок степен на зависност од увоз на нафта и висок удел на фосилни горива во нивните примарни енергетски системи.
Американскиот државен секретар Марко Рубио вчера ја повика Кина да влијае врз Техеран да не го затвора Ормускиот теснец.
„Ја охрабрувам кинеската влада во Пекинг да им се обрати во врска со ова, бидејќи тие во голема мера зависат од Ормускиот теснец за нивната нафта“, повика Рубио.
Тој оцени дека Иран ќе направи ужасна грешка и економско самоубиство ако го стори тоа, нагласувајќи дека многу повеќе би им наштетило на економиите на другите земји, отколку на американската, и предупреди дека блокада на мореузот би предизвикала реакција на САД, но и на други држави.
Чекаат евакуација од Тел Авив
Додека трае неизвесноста дали ќе се затвори трговската порта, македонски граѓани се во исчекување да се отвори воздушниот простор на Израел, за да можат да се вратат дома. По вчерашното повторно затворање на аеродромот „Бен Гурион“ во Тел Авив, сите летови кон и од Израел биле откажани, а се очекува нивно обновување во зависност од безбедносната состојба, сооопшти македонското МНР. Според информациите од македонската амбасада во Израел, во моментов 11 македонски државјани чекаат евакуација со лет од Тел Авив.
„Истата би можела да се реализира во наредните денови, во зависност од развојот на безбедносната ситуација. Како алтернатива, постои можност за евакуација по море – со брод од Ашдод до Лимасол, за што амбасадата е во редовна комуникација со македонските државјани и надлежните израелски власти. Потсетуваме дека, покрај евакуацијата на првата група граѓани реализирана со владин авион на 17-ти јуни, заклучно со 22 јуни вкупниот број на заинтересирани македонски државјани за евакуација од Израел изнесува 27. Меѓутоа, не сите се подготвени тоа да го направат веднаш“, известија од МНР.
Оттаму апелираат до сите граѓани да се воздржат од патувања во земјите од Блискиот Исток каде што безбедносната состојба е сериозно влошена.
Што може да се очекува?
Според аналитичари, доколку нападите на САД врз трите нуклеарни објекти навистина биле успешни, тоа би можело да биде стимул за Техеран да се согласи на дипломатски решенија. Но, доколку тоа не се случи, постои опасност да се вмешаат и нови играчи, со што би можело се да тргне во насока на долг конфликт, кој освен економски последици заради евентуално блокирање на трговските патишта, би предизвикал и нови бегалски бранови.
„Никој не очекува дека оваа криза ќе прерасне во глобална криза, но можно да се очекува напад врз американските интереси, затворање на Ормускиот теснец кој е од витално значење за глобалната трговија со нафта, и таргетирање на енергетските капацитети на земјите од Заливот, кои се домаќини на неколку американски воени бази“, вели Ружин.
Според него, можно е Иран да се реши на калибриран одговор доволно силен за да има влијание, но и доволно измерен за да го ограничи конфликтот.
„Не се исклучува ограничена одмазда против САД, а потоа и повеќе напади против Израел пред конечно да се започне со враќање кон преговорите. Факт е дека иранската влада влезе во ‘режим на преживување’ во однос на Израел и САД, ситуација што потсетува на војната против Ирак од 1980 до 1988 година. Не се исклучува можноста Иран да му даде на Трамп ‘симболична победа’ и да го насочи својот гнев кон Израел“, оценува тој.
Иако никој не може да исклучи опасност од долг конфликт, вели дека е веројатно состојбата да еволуира кон контролирана деескалација, на каква што се надева Трамп и се обидува да го принуди Иран да преговара.
Вонреден состанк на МААЕ
Во моментов вниманието е насочено и кон Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) која денес одржува вонреден состанок
„Во однос на контролата на иранската нуклеарна програма, евидентно е дека пред војната инспекциите на МААЕ ‘иако несовршено’, обезбедувале извесни информации за состојбата со иранската програма. Додека се уште се води војна не се можни никакви инспекции“, посочува Ружин.
Како што најави генералниот директор на МААЕ, Рафаел Мариано Гроси, денеска во Виена почнува вонреден состанок на Одборот на гувернери на МААЕ поради вонредната ситуација во Иран. Тој изјави дека регулаторните власти на Иран ја информирале МААЕ дека нема зголемени нивоа на радијација надвор од локациите по нападите врз три ирански нуклеарни постројки.
„Не очекуваме да има какви било здравствени последици за луѓето или животната средина надвор од целните локации“, изјави Гроси.
Според информациите верификувани од МААЕ пред почетокот на израелскиот напад врз Иран, трите локации што беа цел на САД содржеле нуклеарен материјал во форма на ураниум збогатен до различни нивоа, што може да предизвика радиоактивна и хемиска контаминација во погодените објекти, соопшти Меѓународната агенција.
Гроси посочи дека прекинот на непријателствата е потребен за МААЕ да може да ја продолжи својата витална инспекциска работа во Иран, и ја нагласи важноста од постојана и навремена размена на информации со Иран за прашања од нуклеарната безбедност, безбедноста воопшто и заштитните мерки.
Иранските власти изјавија дека нема опасност за населението што живее во близина на нуклеарните објекти кои беа нападнати од САД.