ВМРО-ДПМНЕ: И ДЗР во 2024 констатирал неправилности во набавката на мазутот за ТЕЦ Неготино

Коалицијата СДС-ДУИ, освен во политиката продолжува беспрекорно да функционира и во судско обвинителскиот систем. Тандемот Ислам Абази – Катерина Коларевиќ, едниот како шеф на ОЈО ГОКК, другата како обвинител во тоа обвинителство кои треба да ги гонат и сузбиваат криминалот и корупцијата, во стилот на коалицијата СДС и ДУИ, прават се само да ги спасат од одговорност лицата блиски до овие партии, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Овој коалициски тандем, кој не е во собраниски клупи туку во обвинителството, пред неколку дена донесе скандалозна одлука да се стопира постапката за случајот тежок 176 милиони евра за набавка на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино иако постојат сериозни сомнежи и индиции за голем криминал и корупција, перење пари и загадување на животната средина.
Селективноста и тенденцијата на овој обвинителски тандем да ги спасат од кривична одговорност луѓето од СДС и ДУИ, можеше да се забележи уште од фазата на прибирање докази, кои очигледно намерно и не ги нашле.
Од демантот на ЕСМ јасно може да се види дека обвинителите Абази и Коларевиќ повеќе се занимавале со земање на изјави од некомпетентни лица, наместо сериозно да истражуваат и да обезбедат докази за оваа сомнителна набавка на мазут, вредна неверојатни 167 милиони евра.
Селективноста на овој коалициски обвинителски тандем може да се види и во тоа што Абази и Коларевиќ не ни ги прочитале извештаите на релевантни институции. Така, во 2024 година Државниот завод за ревизија утврдил дека при оваа милионска набавка се испорачувал мазут од различен добавувач од оној којшто бил утврден во договорот на ЕСМ, ТЕЦ Неготино и добавувачот.
Додека, пак, стручни лица од ЕСМ утврдиле дека мазутот бил со голем број на нечистотии коишто предизвикувале дефекти во мазутната станица на ТЕЦ Неготино.
Но, и покрај ваквата утврдена лоша состојба и квалитет на мазутот, сепак ТЕЦ Неготино склучил анекс за да може овој скап договор да ја достигне сумата од 167 милиони евра.
Доказите постоеле, извештаите со констатирани сериозни забелешки и пропусти постоеле, само Абази и Коларевиќ не ги виделе. Којзнае, може намерно замижале за да не ги видат и одговорност да ги спасат Васко Ковачевски, Јахоски, Сулкоски, Капушевски, Адријан Муча и нивните партнери, сите до еден блиски на СДС и ДУИ.
Затоа сметаме дека Абази и Коларевиќ не се достојни на функцијата да бидат во Јавното обвинителство за гонење на криминал и корупција, затоа што и двајцата имаат свои лични, семејни или политички долгови за нивниот кариерен напредок, а истите се поврзани со политичките партии ДУИ и СДС.
Овој јавнообвинителски тандем Абази и Коларевиќ повеќе е приврзан за нивните ментори Заев, Ахмети и Венко Филипче отколку што е посветен на владеењето на правото и гонењето на организиран криминал и корупција.
Уште еднаш го повикуваме Советот на јавни обвинители да се позанимава со овој случај, да го истражи работењето и постапувањето на Абази и на Коларевиќ во случајот „Мазут“ за да утврди кои намерни или, можеби, ненамерни пропусти се направени, со цел случајот да се затвори пред да стигне на суд.
Целата вистина за овој случај од висок јавен интерес и за запирање на истражната постапка, мора да излезе на виделина. На ваквите обвинители кои дополнително ја деградираат и уништуваат, и така ниската, довербата на граѓаните во судството не им е местото системот.
Време е за правна држава и владеење на словото на законот со чесни кадри, докажани професионалци со висок морален и професионален кредибилитет“, се вели во соопштението.






