Зоран Кардула со нова самостојна изложба „Flora Imaginarium” во НОБ
Во петок, на 18 јули со почеток од 20 часот, во фоајето на Националната опера и балет (НОБ) ќе се отвори изложбата „Flora Imaginarium” на познатиот македонски уметник и графички дизајнер Зоран Кардула. Оваа изложба е резултат на двегодишна работа на проект поврзан со еден македонски бренд, при што Кардула создаде серија уникатни дела инспирирани од флората, фантазијата и визуелниот јазик на маркетингот.
Делата на Кардула се карактеризираат со експресивни бои, стилизирани органски форми и суптилен наратив кој го истражува односот меѓу човекот, екологијата и потрошувачкото општество.
Познат по своите поп-арт и конструктивистички естетики, Кардула овој пат ги комбинира елементите на илустрација, графички дизајн и визуелна поезија. Изложбата се состои од повеќе дизајнирани постери, дигитални колажи и експериментални графички композиции кои ја прикажуваат флората како визуелна симфонија, но и како форма на тивка критика.
