Сатја Грабулоски дизајнираше специјални патики за Ѓоковиќ, објави „Форбс“

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ доби специјална пратка за време на неговиот настап на Вимблдон 2025 – бели патики Асикс со уникатна рачно насликана уметност, подарок од македонското студио „Swithadot“, основано од уметникот Сатја Грабулоски (внук на легендарниот скулптор Јордан Грабулоски – Грабул чие славно дело е споменикот Македониум во Крушево) .

Грабулоски, кој е од Македонија и живее во Скопје, уште од 2016 година го води „Swithadot Studios“, кое денес брои над 30 уметници ширум светот. Студиото е познато по персонализирани дизајни на патики за врвни имиња како Новак Ѓоковиќ, Кристијано Роналдо, Леброн Џејмс и многу други. Во април, тој и неговиот тим составија и исцртаа веганска јакна со ликот на Брајан Адамс, која канадската поп-ѕвезда ја доби по концертот во Скопје .

– Тенисот е ново поле на кое планираме да се фокусираме уште повеќе. Моето омилено дело досега е токму парот „OneOfAKindS“ што го направивме за Ѓоковиќ. Тој е уникатен во секој поглед. Овие патики ги направивме во 2021 години, но конечно сега пристигнаа до Новак – изјавил Грабулоски за „Форбс“.

Патиките што Ѓоковиќ ги доби се изработени врз основа на моделот „Asics Japan S“, со бела основа и дизајн инспириран од српската симболика – два орли со двојна глава, обоени со расфрлана боја во боите на српското знаме. На нив е присутно и симболичното лого „GOAT“ (најдобар на сите времиња), исто како кај моделите за Роналдо и Џејмс, а задниот дел е посветен на фондацијата на Ѓоковиќ.

Иако претходно „Swithadot“ изработуваше модели и за други тенисери, како Дона Векиќ, посебно се памети проектот од почетокот на 2025 година за Аљаж Бедене, со дизајн инспириран од коали и австралиски цвеќиња, испорачан на Австралија Опен.

– Нашето студио веќе има силно присуство во фудбалот, кошарката и ракометот. Сега сакаме да внесеме боја и раскажување приказни и во традиционално „белите“ спортови како тенисот. Иднината на модниот дизајн и луксузното шопинг-искуство лежи во хипер-персонализацијата, и ние сакаме да бидеме дел од таа иднина – објаснува Грабулоски.

„Swithadot“ започнал како личен проект со обична евтина платнена патика и маркер, раскажува Сатја. Првата „голема шанса“ дошла во 2017 со светот на ракометот, а потоа и со фудбалот во 2018, кога дизајн со ликот на Халк од Марвел предизвикал голем интерес кај спортистите.

Денес, нарачки стигнуваат од секаде од славни личности, нивните агенти, или како дел од промотивни кампањи. Спортските обувки се најбараните, но интерес има и за лежерни модели и облека. Се создаваат дизајни инспирирани од држави, семејства, омилени филмови или храна.

– Сè почнува со идеја од клиентот, колку и да е нејасна. Визуелните концепти ги доразвиваме заедно додека приказната не се долови совршено. На крајот на денот, ние сме раскажувачи на приказни – додава Грабулоски.

За да обезбеди квалитет и долготрајност, македонскиот уметник развил сопствена формула за боја што е издржлива речиси исто колку и фабрички нанесена боја, и ја планира за продажба до крајот на 2025 година. (Nezavisen.mk)

Back to top button
Close