Газа: Гладот како оружје

Обединетите нации официјално прогласија глад во градот Газа, што е прв ваков случај на Блискиот Исток. На други места, вакви примери веќе се забележани.

 EPA-EFE/MOHAMMED SABER

Сѐ почесто и погласно се бара кривично гонење на изгладнувањето како намерна стратегија во вооружени конфликти.

„Гладот е оружје во војна, кое моментално се користи ширум светот. Тоа мора да престане, бидејќи се прекршува меѓународното хуманитарно право“, изјави неодамна за ДВ Шејна Луис, главна советничка за Судан во американската организација за спречување масовни злосторства ПАЕМА.

Таа зборуваше за градот Ал-Фашир во Судан, кој е под опсада веќе една година. Таму се заробени околу 30.000 луѓе, кои веќе немаат храна. „Тоа е меѓународно злосторство и како такво мора да се процесуира“, рече Луис.

Организации за човекови права како Амнести и Хјуман Рајтс Воч издадоа слични соопштенија за израелското дејствување во Појасот Газа: армијата се обвинува дека ја блокира испораката на помош и храна.

„Израел ја изгладнува Газа. Тоа е геноцид. Тоа е злосторство против човештвото. Тоа е воено злосторство“, рече Мајкл Факри, специјален известувач на Обединетите нации за правото на храна.

Изгладнување како оружје во војна

Сѐ почесто се бара смртта на цивили од глад да се третира како воено злосторство. Една од причините за тоа е што конфликтите сѐ почесто предизвикуваат глад.

„Гладот е древна појава, која страните во конфликт ја користат со векови“, вели Ребека Бакос Блументал, правна советничка во проектот „Одговорност за изгладнување“ на холандската фондација ГРЦ. Особено во последните десет години, оваа тактика сѐ почесто се применува, вели таа.

Во изминатата деценија, до глад предизвикан од конфликти дојде во Нигерија, Сомалија, Јужен Судан, Судан, Сирија и Јемен. Експертите сметаат дека руските напади врз украинското земјоделство може правно да се квалификуваат како обиди за користење на блокада на храна како оружје во војна.

„Иако глобалната безбедност на храна генерално се подобрува, бројот на гладни расте“, напиша Алекс де Вал, професор на Универзитетот Тафтс во САД. „Глобалната безбедност на храна е нерамномерно распределена. Тоа укажува дека гладот се користи како оружје.“

Ако некоја страна во конфликт намерно ускрати храна или други основни потреби за цивилното население, тоа се смета за воено злосторство во многу држави, но и според Женевската конвенција и Римскиот статут кој го применува Меѓународниот кривичен суд.

Сепак, досега сторителите кои го користеле ова „оружје“ никогаш не биле процесуирани исклучиво поради тоа: военото злосторство за изгладнување никогаш не било изнесено пред меѓународен суд како посебен случај, туку само како дел од околу дваесет типови на воени злосторства.

Проценката на изгладнувањето како злосторство е сложена: фактот дека цивили гладуваат во конфликт не значи нужно дека е извршено злосторство.

„Еден од важните правни аспекти е прашањето на намера“, објаснува де Вал за ДВ. „Военото злосторство за изгладнување подразбира дека сторителот дејствувал со намера.“

Повеќето правни експерти сепак сметаат дека може да постои и индиректна намера – кога е јасно дека може да дојде до глад, но не се презема ништо за да се спречи тоа.

 

Нови погледи на гладот

До пред неколку години, гладот главно се сметаше за развоен или хуманитарен проблем, вели Блументал од ГРЦ. Сега сѐ повеќе внимание се посветува на неговата криминална димензија. „Работите се движат.“

Советот за безбедност на ОН во 2018 година едногласно ја усвои Резолуцијата 2417, со која се осудува изгладнувањето на цивили како „метод на војување“. Во 2019 година беше изменет Римскиот статут. Оттогаш, изгладнувањето се смета за воено злосторство не само во меѓународни, туку и во вооружени конфликти внатре во една земја.

Исто така беа формирани истражни комисии на ОН за конфликтите во Јужен Судан и Етиопија, кои се занимаваа особено со изгладнувањето како воено злосторство, потсетува Блументал.

„Сѐ повеќе меѓународни и локални организации за човекови права ја осудуваат оваа практика. Впечатливи примери, како моменталната ситуација во Газа, значително ја подигнаа свеста за ова злосторство“, истакнува таа.

Таа верува дека „историска пресвртница“ се налозите за апсење кои Меѓународниот кривичен суд ги издаде против израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант во ноември 2024 година.

Во нив експлицитно се наведува обвинение за изгладнување како воено злосторство. Првпат се издадени меѓународни налози за апсење поради наводно изгладнување како посебно злосторство.

Меѓународниот кривичен суд исто така води истрага во Судан. Ниту Израел, ниту режимот во Судан, ниту неговите противници не ја признаваат надлежноста на тој суд.

Темата изгладнување несомнено доби на внимание во последните десет години, вели де Вал. „Правна рамка постои. Недостасува политичка волја за дејствување.“

Правната обработка сѐ уште неизвесна

Сѐ уште постојат правни предизвици, вели де Вал за ДВ. „Но, уверен сум дека е можно да се донесат пресуди. Само треба обвинетите да се доведат пред суд.“

Блументал се согласува. „Постојат недоразбирања околу тоа, и многу луѓе мислат дека гладот е неизбежен дел од војната“, вели таа. „Но, нашите истражувања покажуваат дека тие обрасци се многу јасни и дека во многу ситуации може да се препознае свесна стратегија.“

Таа покажува внимателен оптимизам дека оние кои намерно ги изгладнуваат цивилите еден ден ќе одговараат пред суд. „Тоа е секако нашата надеж“, заклучува таа. „На тоа сите работиме.“ (Dw)

Back to top button
Close