Генералниот на ЕСМ ги овластил неговиот помошник и советникот да дадат изјава дека компанијата не е оштетена во случајот „Тец Неготино.

Еден од аргументите на обвинителката Катерина Коларевиќ ​за запирање на истрагата за „Мазутот во ТЕЦ Неготино“, случај тежок 167 милиони евра, е дека ЕСМ не пријавило штета.

-ЕСМ не пријавиле штета. Сме немале никаква штета, сме имале единствена корист. Во спротивно ќе сме имале големи рестрикции, рече обвинителката.

Но, по запирањето на истрагата од ЕСМ најавија дека ќе ја обжалат жалбата пред Вишото јавно обвинителство, што создава впечаток дека сепак компанијата се чувствува оштетена.

-Ќе ги искористиме сите правни механизми кои ни стојат на располагање за заштита на интересите на компанијата, велат од ЕС

Фокус прашал  во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, дали за време на истрагата одговорот за штетата се барал од овластено лице во компанијата (генерален директор), а доколку не, од кого? Оттаму ни одговорија дека генералниот директор не дал изјава, туку овластил двајца вработени.

-Со овластување од Генералниот директор на АД ЕСМ од 4.3.2026 година Помошник директор за производство на електрична енергија од хидроелектрани и управување со производни капацитети и Советник за комерцијални работи биле овластени како претставници на АД ЕСМ да дадат исказ како сведоци и претставници на оштетеното АД ЕСМ. Истиот ден односно на 4.3.2026 година двајцата се сослушани и дале исказ во врска со кривично правниот настан од аспект на нивната надлежност. Воедно, на прашање дали како резултат на трите склучени договори опфатени во постапката АД ЕСМ има претрпено каква и да било штета двајцата одговориле дека штета нема претрпено, велат од Обвинителството.

Во фокусот на истрагата беше фирмата РКМ која го добила тендерот и нејзините сопственици Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски. Меѓу осомничените беше и сопственикот на Пуцко Петрол, Асмир Јахоски, син на пратеникот Исмаил Јахоски. Сулкоски е поранешен вработен во Пуцко Петрол, а потоа стана еден од сопствениците на РКМ заедно со Капушевски. Во истрагата беше опфатен и екс директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски кој е во бегство и се бараше со меѓународна потерница за случајот Адитив. Опфатен беше и уште еден поранешен директор на ЕСМ, Адријан Муча.

Обвинителката Коларевиќ појасни дека од прибраните докази не се утврдило дека осомничените ги сториле кривичните дела што им се ставаа на товар, ниту е утврдено постоење на друго кривично дело што се гони по службена должност.

Коларевиќ појасни дека предистрагата била отворена по пријава на Државната комисија за спречување на корупција, која ја работеле истражители во Обвинителството. Откако пак поголемиот дел од нив биле вратени во МВР, предметот се преселил таму. Така, се оправда обвинителката, немала увид во сите детали и имала само рок од 24 часа да отвори истрага, за која се водела од податоците од поднесената кривична пријава од МВР. Ова појаснување го даде обвинителката и на прашањето, како е можно двете институции различно да ги читале законските прописи за спроведување на тендери, бидејќи според кривичната од МВР, но и соопштението на обвинителството за отворена истрага, излегуваше дека е прекршена постапката за јавен повик и имало фаворизирање на компанија, а сега, по година дена, според Обвинителството немало ништо незаконски.

-Истрагата утврди дека постапките биле спроведувани транспарентно. ЕСМ имало за цел да ги вклучи сите оператори што имале лиценци за трговија со мазут во интерес на побрзо испорачување на мазутот, при што биле контактирани сите економски оператори кои поседувале лиценца и тоа во дел од јавните повици со известување биле повикани да учествуваат, а во дел јавните повици биле објавени и во дневни весници. Од исказите на претставници на економски оператори произлезе дека дел од компаниите не учествувале во постапките поради деловни и економски проценки, односно поради високите количини, потребните банкарски гаранции и ризиците поврзани со тогашната состојба на енергетските пазари, рече обвинителката.

Повеќе на фокус.мк

 

Back to top button
Close