Вдовицата на Кирк: Немате поим каков оган запаливте и што ослободивте низ САД и светот
Вдовицата на Чарли Кирк, Ерика, одржа емотивен говор во кој им се заблагодари на службите за итни случаи за обидот да го спасат животот на нејзиниот сопруг откако беше застрелан на универзитетски кампус во Јута. Во пренос во живо, стоејќи до празен стол што нејзиниот сопруг го користел за снимање поткаст, таа цитираше делови од Библијата и зборуваше за неговата љубов кон Доналд Трамп, Џеј-Ди Венс, САД и нивните две деца, објавува Би-би-си.
Кирк, истакнат десничарски активист, беше застрелан за време на јавен настап во Орем, Јута, во среда. Осомничениот за пукањето, Тајлер Робинсон, беше уапсен синоќа откако се предаде на полицијата.
Емитувањето од седиштето на „Трнинг поинт Ју-ес-еј“ во Аризона започна со минута молчење, додека камерата беше насочи кон празниот стол на Чарли Кирк. Неговата вдовица го започна својот говор со тивка молитва, а потоа им се заблагодари на службите за итни случаи, персоналот на нејзиниот сопруг и Белата куќа.
„Господине претседателе, мојот сопруг ве сакаше. И знаеше дека и вие го сакате него“, рече таа низ солзи.
Таа, исто така, им се заблагодари на потпретседателот Венс и на неговата сопруга Уша, што го придружуваа ковчегот на нејзиниот сопруг во Аризона.
„Но, најмногу од сè, Чарли ги сакаше своите деца. И ме сакаше мене. Со сето свое срце. И се погрижи секој ден да го знам тоа“, додаде Ерика.
Обраќајќи им се на оние што ги нарече „криминалци“, Кирк рече:
„Немате поим каков оган запаливте кај оваа сопруга, плачот на оваа вдовица ќе одекнува низ целиот свет како борбен повик. Секој треба да го знае ова: Ако мислевте дека мисијата на мојот сопруг била моќна претходно, немате поим, немате поим што во овој момент ослободивте низ оваа земја и светот“.
Таа објави дека турнејата на нејзиниот сопруг на американските универзитети ќе продолжи оваа есен и во годините што доаѓаат, како и неговиот поткаст.
Ерика Кирк, исто така, зборуваше за својот едногодишен син и тригодишната ќерка, велејќи дека не може да им ја објасни ненадејната смрт на нивниот татко.
„Душо, тато многу те сака. Не грижи се. Тој е на службено патување со Исус“, ѝ рекла таа на својата ќерка.
Ерика Кирк и нејзините деца наводно биле во публиката во времето на пукањето.
Ерика Кирк е бизнисменка и поранешна мис Аризона, САД, која го запознала својот сопруг во 2018 година. Двојката се венчала помалку од три години подоцна. Таа моментно се запишува на докторат по библиски студии, води поткаст фокусиран на библиско лидерство. Таа, исто така, има кариера во глума, манекенство и сопствена модна линија.