Лондон: 25 уапсени и 26 полицајци повредени на протест на крајната десница
Лондонската полиција уапси 25 лица на протестот „Да го обединиме Кралството“ организиран од крајнодесничарскиот активист Томи Робинсон, на кој беа повредени 26 полицајци.
Полицијата соопшти дека демонстрантите покажале „значителна агресија“ и дека бројот на присутни, меѓу 110.000 и 150.000 луѓе, далеку го надминал очекуваниот.
Според соопштението, полицајците биле нападнати со тупаници, шутеви, шишиња, факели и други предмети.
Четворица полицајци се тешко повредени, со скршени заби, можна фрактура на нос, потрес на мозок, испаднат диск и повреда на глава.
Министерката за внатрешни работи, Шабана Махмуд, остро ги осуди нападите врз полицијата, ветувајќи дека сите вклучени во насилство ќе се соочат со „целата сила на законот“.
Истовремено, околу 5.000 учесници на контрапротестот „Стани против расизмот“ се собраа во близина, а двете групи ги разделуваше полицијата.
фото: ЕПА