Ќе бидеш моја или ќе бидеш мртва“ – Росица пред само неколку дена сведочела во обвинителство за заканите добиени од убиецот

Обвинителството го објави записникот од испитувањето на Росица Коцева (31) од Велес, даден на 9 септември годинава, само неколку дена пред таа и нејзиниот татко Киро Коцев (68) да бидат брутално убиени од нејзиниот поранешен партнер Илија Стефановски.

Во исказот, Коцева детално опишала низ какви закани и насилство поминувала последните месеци. Таа изјавила дека по прекинот на заедничкиот живот во октомври 2024 година, имала повремена комуникација со Стефановски. Заминала со него на патување во Софија за да му помогне оти го владеела јазикот, па така на 27 декември 2024 година настанала расправија.

Илија барал од неа да ја обноват врската, а кога таа го одбила и се обидела да ја отвори вратата од автомобилот, тој ѝ рекол: „Ќе бидеш моја или ќе бидеш мртва“.

Илија, потоа ја повикал Росица во својот дом во Ѓорче Петров, а таа се согласила само под услов да биде таму и неговата мајка.

„Тој ја повика неговата мајка, но во истиот момент почна со малтретирање кон мене, пришто ме удираше по целото тело, ме заклучи во неговиот дом, но не можам да се сетам колку време бев затворена, со оглед на тоа што немав телефон со мене“, сведочела.

Во записникот стои и дека, според нејзините зборови, тој насилно се однесувал и со неговата мајка, туркајќи ја. Росица ја молела мајка му да повика полиција, но и нејзиниот телефон бил одземен од Илија.

Наредниот ден му кажала дека ако ја пушти ќе се обиде да побара помош за да ја обноват врската, па тој се согласил.

Во завршниот дел од исказот, Коцева останала на предлогот за гонење на Стефановски.

Наскоро по оваа пријава, следеше трагичниот настан по кој таа и нејзиниот татко загинаа

Back to top button
Close